Сепак, за разлика од Дамева чие враќање на претседателското место во Советот е завршена работа, во случајот со Беса Адеми и понатаму останува да виси неизвесноста – дали ќе продолжи да биде член на Советот по функцијата, бидејќи ѝ
се заканува разрешување од нејзината примарна функција – претседател на Врховниот суд
Седницата на Судскиот совет, 472. по ред, што се одржа денеска, ја одбележаа два момента кои се однесуваат не толку на точките од дневниот ред, колку на присуството на членовите на Советот и нивниот распоред во фотелјите во салата. Првиот е тоа што седницата ја водеше Весна Дамева, ново-старата претседателка на ова тело, откако Управниот суд на крајот на минатата година донесе пресуда со која го оцени нејзиното разрешување од пред речиси девет месеци како незаконско и без образложение.
Денешната седница на Советот беше втора од почетокот на оваа година. Првата беше итна и условена од пресудата на Управниот суд. На неа членовите на ова тело ја констатираа оставката на Сашко Георгиев од претседател на Советот, а потоа и враќањето на Дамева на оваа функција.
Вториот впечатлив момент денеска беше и, условно кажано, враќањето во работата на ова тело на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е член на Советот по функција, заедно со министерот за правда – позиција на која во моментов е Кренар Лога. Тој, како и во изминатиот период, не беше присутен ни на денешната седница.
Претседателката на Врховен не само што присуствуваше на денешното заседание на Судскиот совет, туку и активно учествуваше во неговата работа и во неколку наврати дискутираше по една од точките од дневниот ред.
Сепак, за разлика од Дамева чие враќање на претседателското место во Советот е завршена работа, во случајот со Беса Адеми останува да виси неизвесноста – дали ќе продолжи да биде член на Советот по функција, бидејќи ѝ се заканува разрешување од нејзината примарна позиција – претседателка на Врховниот суд.
Постапката за утврдување на нејзина одговорност како претседател на највисокиот суд во земјава е во тек во Судскиот совет, а беше иницирана од членот на ова тело Миљазим Мустафа.
Иницијативата на Мустафа се темели на две околности од кои едната е неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според Мустафа, било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција.
Неприсуството на Адеми на седниците на Советот се совпаѓа со периодот во кој Дамева на незаконски начин, како што утврди Управниот суд, беше разрешена од функцијата, што предизвика бура од реакции во јавноста, а беше и повод Европската Унија да испрати Оценска мисија за да ги „прочешла“ состојбите во ова значајно тело и да излезе со препораки за подобрување на неговата работа.
Вториот аргумент што го истакна Мустафа на јавната расправа на Комисијата на известители на Судскиот совет што се одржа последниот работен ден од минатата година (29 декември 2023 г.) беше интервјуто на Адеми за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за помилувањата од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов. За подносителот на иницијативата е спорно тоа што Адеми не се одзвала на повикот на Судскиот совет да дојде на состанок на кој би се дискутирало за нејзините наводи изнесени во интервјуто.
„На 6.11.2023 г. претседателката Беса Адеми и член на Судскиот совет на РСМ по функција, постапила спротивно на член 43 став 2 во врска со став 1 алинеја 1 од законот за Судски совет на РСМ на начин што по претходно телефонско известување од претседателот на судскиот совет на РСМ, на 3.11.2023 г. и писмено доставено за работна средба на 6.11.2023 г., заради разгледување на, од нејзина страна преку медиумите изнесено за политички притисок врз врховните судии во врска со одлучување по аболицијата на поранешниот претседател на РСМ, истата не дојде на работата средба, а своето отсуство го најави со писмен допис непосредно пред терминот на закажаната средба“,
рече Мустафа на јавната расправа на 29 декември, посочувајќи дека со ваквото однесување и постапување претседателката на Врховен не само што го попречила и оневозможила Судскиот совет во остварувањето на основната цел, да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите, туку покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамките на правосудниот систем.
Одбраната на Беса Адеми, пак, наведувајќи ги своите аргументи, посочи на недоследности во наводите на подносителот на иницијативата и побара Судскиот совет да ја запре целата постапка, со што ќе ја врати довербата на јавноста во судството.
„Денеска и во периодот што следува, токму исходот од оваа постапка ќе ја одреди судбината на судството на Република Северна Македонија“,
рече претседателката на Врховен откако го ислуша образложението на барањето за нејзина одговорност што го презентираше Мустафа.
Во меѓувреме, додека се очекува Комисијата на известители да го финализира извештајот во кој ќе ги внесе сите материјали во врска со постапката и да го достават до членовите на Судскиот совет, по што на седница ќе се одлучува дали Адеми ќе биде разрешена или не, ситуацијата со Адеми доби нова димензија.
Ја покрена холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, кој вчера на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посочил оти е неприфатливо несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“,
наведоа во објавата на Фејсбук од холандската амбасада по средбата на Јан Коп со лидерот на ДУИ.
Во соопштението од ДУИ за средбата, кое дојде откако она од холандската амбасада предизвика големо внимание во јавноста, беше наведено дека ставот што го изнел партискиот лидер во однос на Врховниот суд е дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите без каков било внатрешен или надворешен притисок.
Пораката на холандскиот амбасадор денеска беше и неодминливо прашање кое на одделни прес-конференции им беше упатено на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој воедно е и потпретседател и портпарол на ДУИ, како и на премиерот Димитар Ковачевски.
Одговорите и забелешките на Османи беа повеќе во насока на пораката на Јан Коп за падот на владеењето на правото во земјава.
„Ова е продолжување на ставот на холандската амбасада којшто го кажаа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е една од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некои тоа го читаат како комплимент, од друга страна, некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве, некој може да каже и злонамерен, па Холандија е позната по немање на расположение за проширување“,
изјави денеска Османи.
Во однос на ставот дека има политичко влијание врз судството, Османи рече дека овде има една разлика, а тоа е дека од нивна страна повеќе сметаат дека има „одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу поопасни од кое било евентуално политичко влијание“.
Ковачевски, пак, изјави дека доколку „кој било бил под притисок од кого било“, тоа треба да го каже со име и презиме. За претседателката на Врховниот суд рече дека никогаш не ја запознал во капацитетот на нејзината дејност, бидејќи извршната и судската власта се одвоени.
„Во ред е ставот на амбасадорот. Но, сметам дека ако има притисок, тој треба да се каже со име и презиме“,
рече Ковачевски.