Уште од утре вевчанци ќе почнат да размислуваат во што ќе се маскираат следната година

Со традиционалното василичарско оро насред село и палење на маските во центарот на Вевчани, денеска заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
Денеска двете василичарски друштва Горна и Долна маала ги посетија сите куќи чиј домаќин го носи името на Свети Василиј.
Потоа, според преданијата, симболично го избркаа злото и со желба за здравје и бериќет ја дочекаа Новата година, по Јулијанскиот календар.
Палењето на маските, како што тврди василичарот Сашо Бетоски, е наметнат ритуал и василичарите не го прифаќаат.
„Ние како василичари не го викаме палење на маските, туку ослободување од товарот што василичарите го носат два дена. Некој низ годините ги запалил маските што ги носеле и било пренесено како палење. Надворешно е прифатено, за нас василичарите не е палење на маските. Ние маските си ги чуваме. Изложени се во горномаалските и долномаалските конаци, да можат да ги видат посетителите“,
вели Бетоски во изјава за МИА.

Уште од утре, додава тој, вевчанци ќе почнат да размислуваат во што ќе се маскираат следната година.
Со голем број маски и креативни костуми, танцувајќи на ритамот на зурлите и тапаните, вевчанци и годинава продефирлираа низ улиците на ова живописно место во југозападниот дел на државата, на традиционалниот карневал.
Како и изминатите години, преку маските и сатиричните изведби учесниците на карневалот дадоа свој печат на годината што измина, но и задолжителен осврт и критика на дел од општествените и политичките случувања во земјава.
Вевчанскиот карневал е еден од најпознатите фестивали на Балканот. Се верува дека обичајот е стар над 1 400 години и се заснова на стари пагански верувања. Вевчанци веруваат дека со своите маски ќе ги избркаат злите духови од нивните животи. Во 1993 година, карневалот и селото Вевчани официјално станаа дел од Светската федерација на карневалски градови.