Материјалните докази што на едно од претходните рочишта одржано во декември лани ги изведе Обвинителството покажуваат дека на лепливата лента што била ставена на устата на девојчето при нејзиното грабнување биле најдени ДНК-траги од обвинетиот Велибор Манев, а полициски службеници при своите сведочења тврдеа дека токму овој обвинет им го покажал местото каде било закопано телото на Жежовски
Со искази на обвинетите денеска во Основниот кривичен суд Скопје треба да продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

На пултот за сведоци, како што најави судијата Ивица Стефановски на едно од претходните рочишта, денеска треба да застане и да се соочи со распит второобвинетиот во случајот, Велибор Манев.
По него, според распоредот што го соопшти судијата искази на предлог на одбраната треба да дадат и останатите обвинети, односно Боре Видевски, Влатко Кешишев, па таткото на Вања, Алекдандар Ѓорчевски и на крај првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.
Материјалните докази што на едно од претходните рочишта одржано во декември лани ги изведе Обвинителството покажуваат дека на лепливата лента што била ставена на устата на девојчето при нејзиното грабнување биле најдени ДНК-траги од обвинетиот Велибор Манев.
Во сведочењето на полициски службеници еден месец порано, односно на 25 ноември, пак, беше кажано дека Манев бил тој што го покажал местото каде било закопано телото на Панче Жежовски.
Со сведочењата на обвинетите се очекува јавноста да дознае повеќе детали околу целиот случај, особено за мотивите за убиствата, околностите во кои девојчето и велешанецот биле ликвидирани. Едно од главните прашања е зошто Вања била убиена кратко време по нејзиното грабнување.
На претходното рочиште во петокот (7 март), одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо побара во судот да биде донесена чаурата најдена во близина на местото каде што било пронајдено телото Жежовски и со дополнително вештачење да се утврди дали таа евентуално е испукана од пиштолот што со дозвола го поседувал обвинетиот Боре Видевски.
Вештачењето што било направено тогаш покажало дека станува збор за чаура од куршум калибар 9 милиметри, но одбраната бара дополнително да се утврди дали таа е испукана од пиштолот на Видевски. По однос на ова барање, се очекува судот да се произнесе денеска.
Инаку, при претресот на домот на Видевски на 3 декември 2023 година, дента кога беа најдени телата на Вања и Панче, била најдена дозвола за поседување пиштол „чешка збројовка“, но, не и пиштолот.
На минатото рочиште првообвинетиот Палевски, повторно побара изземање на судијата Ивица Стефановски, кој го води процесот, поради како што наведе оневозможување на одбраната да изведе докази кои се во нејзина корист. Барањето беше одбиено, а Палевски обраќајќи се пред судот рече дека оти не се плаши од доживотна робија, бидејќи, како што наведе, пресудата за него е веќе донесена на прес-конференцијата на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Доживотната робија ниту ме плаши ниту влијае на мене. Не се потребни докази во корист на одбраната бидејќи пресудата е веќе донесена, а тоа ми го гарантира однесувањето на претседателот на (судечкиот) совет“,
рече Палевски.
Според обвинението, Љупчо Палевски-Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.