„За историски теми немам намера да го трошам патот и да патувам во Софија и да разговараме со Радев за окупатори или администратори“, рече претседателот Стево Пендаровски во гостувањето во емисијата Топ Тема на ТВ Телма
Кога зборуваме за европски интеграции не смееме да се концентрираме на историјата, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во гостувањето во емисијата Топ Тема на ТВ Телма, нагласувајќи оти со бугарскиот колега Румен Радев може да разговара за реални европски теми, а не за историја.
„Првичните предлози на Софија за наше приближување до Европската Унија ги содржеа оние небулозни барања за јазикот, за нашето етничко потекло, за периодот 1941 до 1945, окупација, администрација, итн. За тие теми немам намера да го трошам патот до Софија или да го повикувам Радев тука, за да разговараме дали во 1941 година или 1944 година биле окупатори или адмнинистратори“,
посочи Пендаровски.
Со бугарскиот претседател, како што истакна Пендаровски, сака да разговара за европски теми, како на пример за енергијата, за економијата или за инфраструктурата меѓу Софија и Скопје.
„За тоа може да разговараме. За сè друго немам добиено мандат во 2019 година да ја враќам мојата држава во 19 век или да зборувам за Цар Самоил за 10 или 11 век“,
кажа претседателот.
Пендаровски рече дека ниту сега, ниту во наредните години, независно од неговата позиција, нема намера да оди во Бугарија и да зборува за историја.
„За жал, од 2019 година Софија ја претвори таа тема како предуслов за напредување. Мене ми е драго што во преговарачката рамка, историјата се споменува само во делот на билатерален договор и Комисијата на историчари. За историски теми немам намера да го трошам патот и да патувам во Софија и да разговараме со Радев за окупатори или администратори“,
истакна Пендаровски.
Претседателот посочи оти според него во последниот период реториката меѓу Северна Македонија и Бугарија е смирена, а како причина за тоа ја наведе усвоената преговарачка рамка.