Главната цел на проектот, како што се информира во владиното соопштение, е привлекување на македонски граѓани кои емигрирале во странство, да инвестираат во руралниот туризам во своите родни села во земјава. На тој начин, како што додаваат, ќе се намали иселувањето на младите и ќе се креираат „зелени работни места“
„50 села, 50 приказни“ е името на новиот проект на Владата кој има за цел јакнење на социо-економскиот развој на селата и на руралниот туризам во земјава. Во фокус ќе бидат селата со потенцијал за агротуризам, рурален туризам, социо-економски развој, културно наследство.
Главната цел на проектот, како што се информира во владиното соопштение, е привлекување на македонски граѓани кои емигрирале во странство, да инвестираат во руралниот туризам во своите родни села во земјава. На тој начин, како што додаваат, ќе се намали иселувањето на младите и ќе се креираат „зелени работни места“.
„Очекувањата од проектот се зголемен број туристи, ревитализација на туристичката инфраструктура во руралните средини, зголемен број туристички инвестиции во руралните подрачја, промоција на алтернативни форми на туризам како агротуризам, авантуристички туризам, гастротуризам, етнотуризам, екотуризам, ловен туризам и слично, како и намалување на иселувања од овие рурални места“,
се наведува во владиното соопштение.
Оттаму додаваат оти проектот има три развојни компоненти – фокус кон подобрување на јавната инфраструктура, економски развој преку подобрување на туристичкиот потенцијал во руралните средини, поддршка за локални производи и услуги, локални саеми и создавање повеќе работни места и развојот на човечкиот и социјалниот капитал, преку поддршка на рурални мрежи, граѓанското општество, обука на населението за локални водичи, заштитата на културното наследство, обичаите и традициите и руралното живеење.
Владата на денешната седница ја усвои информацијата за формирање на работна група за реализација на проектот, чија временска рамка е од оваа, до 2026 година, а чиј предлагач е вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.