Од Владата уверуваат дека нема да се злоупотребува можноста за нови вработувања или унапредувања во администрацијата, овозможени со Уредбата за запирање на изборните дејствија, преку „замрзнување“ на членови од законите за избори и за спречување корупција
Со Уредбата на владата за прекинување на изборниот процес, прекинуваат и ограничувањата за нови вработувања, отпуштања или унапредувања и деградирања во администрацијата и за изградба на нови објекти од областа на инфраструктурата со буџетски средства и за нивно пуштање во употреба. Запираат и ограничувањата за радиодифузерите за објавување платено политичко рекламирање во периодот од распишување на изборите до почетокот на кампањата, како и за објавување реклами на државните органи.
Овие ограничувања, предвидени со Изборниот законик и со Законот за спречување корупција, ќе стапат повторно на сила со престанувањето на вонредната состојба, кога, согласно со владината Уредба со законска сила, ќе продолжи спроведувањето на изборните дејствија, за што ДИК се задолжува тогаш да изготви ревидиран роковник.

Вицепремиерката Радмила Шекеринска изјави денеска дека не очекува злоупотреби во однос на стопирањето на забраната за нови вработувања. Таа посочи дека Антикорупциската комисија и медиумите во секој момент може да контролираат дали има злоупотреби во однос на „суспендираните“ ограничувања предвидени со законите за избори и за спречување корупција.
„Кога немаме избори, тоа не значи дека немаме контрола на злоупотребите. Дел од таа контрола се Антикорупциската комисија и медиумите. Непримерно е да се помисли дека во период кога немаме избори членовите се укинуваат заради злоупотреба. Сите се согласија дека избори во оваа ситуација би биле не неодговорни, би биле срамота за државата. Ако нема избори, тогаш не можеме ние да функционираме според правила кои важат само 20 или 40 дена пред избори“,
изјави Шекеринска.
Со Уредбата на владата за прекинување на изборните дејствија се запира примената на четири члена од Изборниот законик, односно на членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а. Се укинува и членот 34 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, кој е практично идентичен на членот 8-а од Изборниот законик и се однесува на ограничувањата за нови вработувања, исплати и изградба и пуштање во употреба нови објекти во периодот од распишување на изборите до нивното завршување.

Шекеринска објасни дека „замрзнувањето“ на овие членови од законите за избори и за спречување корупција ќе овозможат побрзи реакции на институциите ако е тоа потребно во периодот на вонредна состојба.
„Никој од нас не се подготвувал за епидемија на коронавирус. Ние сега користиме можност во законот која ни вели итни и неодложни работи, меѓутоа ниту една институција не може да си ги смени плановите за јавни набавки, ниту една институција не може да стави одредба дека ќе купува заштитен материјал или дека ќе се приспособи на ситуацијата. Пред нас е голем предизвик, не чекаат тешки денови, единственото одговорно нешто што можевме да го направиме е да ставиме се што е во врска со изборите настрана. Јас се надевам дека и се што е поврзано со политика и политички интереси исто ќе ставиме на страна и дека во овие моменти ќе се сконцентрираме на тоа како да им помогнеме на државата и граѓаните“,
изјави Шекеринска.

Со владината уредба за запирање на изборните дејствија се анулираат засега и одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на рекламирањето на политичките партии, но и на објавувањето на реклами на државните институции.

Инаку, забраните од членот 75-д ќе важеа само до утре, доколку имаше услови за спроведување на предвремените парламентарни избори на 12 април, како што беа распишани. Според роковникот на ДИК за избори на 12 април, утрешниот 23 март беше определен како датум за старт на изборната кампања.
