Според најавите, шефицата на ЕК ќе пристигне во земјава во недела, кога е предвидено да се сретне со претседателот Стево Пендаровски. В понеделник, пак, се очекува да оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски. Засега не е најавена средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Во соопштението на ЕК се наведува дека за време на престојот во земјите од Западен Балкан, Лајен ќе претстави детали од Планот за раст на Европската Унија за регионот
Со посетата на Северна Македонија на 29 и 30 октомври, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, ја почнува својата четиридневна турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Според најавите, шефицата на ЕК ќе пристигне во земјава во недела, кога е предвидено да се сретне со претседателот Стево Пендаровски. В понеделник, пак, се очекува да оствари средба со премиерот Димитар Ковачевски. Засега не е најавена средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во соопштението на Европската комисија се наведува дека за време на престојот во земјите од Западен Балкан, Лајен ќе претстави детали од Планот за раст на Европската Унија за регионот.
„Ова ќе биде можност да се разговара за билатералната соработка, а особено на регионалните лидери подетално да им се претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан“,
се наведува во соопштението на ЕК.
Од Скопје, шефицата на ЕК ќе отпатува за Приштина, каде што ќе има средба со претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти. Оттаму, на 31 октомври Лајен ќе замине за Подгорица каде што се очекува да има средби со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и премиерот Дритан Абазовиќ.
Истиот ден претседателката на Европската комисија ќе отпатува за Белград, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
Својата турнеја низ земјите од Западен Балкан Лајен ќе ја заврши во Сараево, каде што се очекува да разговара со членовите на Претседателството на БиХ и со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто.
На 15 и 16 октомври годинава Лајен беше во посета на Албанија каде што се одржуваше Самитот на Берлинскиот процес. Тогаш на лидерите на ЕУ и на регионите им го претстави новиот План за раст на Западен Балкан, за кој рече дека има потенцијал да ја удвои големината на економијата во регионот во оваа деценија. Планот има четири столба – интеграција во единствениот пазар, подлабока регионална економска соработка, забрзување на фундаменталните реформи и поголема претпристапна финансиска поддршка.