По состанокот со лидерите на Србија и Албанија, премиерот Димитар Ковачевски посочи оти со своите колеги разговарал за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на „Отворен Балкан“. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, кажа дека „Отворен Балкан“ е најдобрата иницијатива на балканските народи, а оти во нејзини рамки се подготвуваат големи работи за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија
Бариерите паѓаат а ние се поврзуваме побрзо, напиша на својот официјален фејсбук-профил премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по видеосостанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.
Ковачевски по состанокот посочи оти со своите колеги разговарал за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на „Отворен Балкан“.
„На самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата“,
најави премиерот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, по состанокот со македонскиот и албанскиот колега, на својот инстаграм-профил напиша дека „Отворен Балкан“ е најдобрата иницијатива на балканските народи, а оти во нејзини рамки се подготвуваат големи работи за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија.
Инаку, на средбата присуствувале и и српскиот министер за финансии Синиша Мали министерката за трговија Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж.
На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјавил дека сè уште не слушнал валиден аргумент оти оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.
Тој вчера за новинарите истакна дека претставниците на Црна Гора како набљудувачи и претходно биле на самитите на иницијативата „Отворен Балкан“ и оцени дека треба да се прифати секоја регионална иницијатива која би можела да ја забрза европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека нема алтернатива за членството во Европската Унија, пренесе РТЦГ.