Од Обвинителството велат дека истрага е поведена и против уште едно лице за помагање на првоосомничениот по извршено кривично дело

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истрага против 38-годишниот скопјанец кој е осомничен дека вчера ја убил својата сопруга во семејната куќа во Скопје.
Како што информираа денеска од Обвинителството, истрага е поведена и против уште едно лице за помагање на првоосомничениот по извршено кривично дело.
Во описот на случајот од Обвинителството се вели дека првиот осомничен, вчера, при семејно насилство ја лишил од живот својата партнерка со која живеел во вонбрачна заедница во домот во скопската населба Шуто Оризари.
Делото, како што додаваат од ОЈО, го извршил во присуство на нивната петгодишна ќерка.
Жртвата починала на лице место откако осомничениот ѝ нанел повреди и убодни рани со нож во пределот на вратот и градниот кош.
Откако го сторил делото, додаваат од ОЈО, лицето веднаш избегало од домот, а во тоа му помогнал второосомничениот.
„Вториот осомничен му дал друга облека и му овозможил превоз со автомобил до граничниот премин ‘Табановце’. Во непосредна близина на границата го оставил и се вратил во Скопје, каде се обидел да ги прикрие трагите на своите помагачки дејствија“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
На граничниот премин „Табановце“ осомничениот за убиство бил запрен и уапсен.
Во текот на денешниот ден од ОЈО велат дека по наредба на јавен обвинител биле преземени повеќе дејствија, при што било пронајдено оружјето со кое е извршено убиството, облеката на сторителот и други материјални докази кои се обидел да ги прикрие и кои ќе бидат предмет на вештачење.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд доставил предлози за определување мерка притвор и за осомничениот за убиството и за неговиот помагач.
Како што информираа вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР), осомничениот бил фатен на „Табановце“ околу 17 часот.