Ова е историски успех за Западен Балкан до кој дојде како резултат на преговори што траеа речиси една година, а кои беа олеснувани од Советот за регионална соработка и Европската унија, велат од Регионалниот совет за соработка
Концерт со повеќе групи и диџеи од регионот ќе се одржи на 1 јули во Отешево за да се одбележи укинувањето на роамингот на Западен Балкан, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС).

На концертот „All-Western Balkans Jam“, што ќе се одржи со поддршка на Владата на Северна Македонија, ќе настапат S.A.R.S., UZUN BABA OG! – SEKTOR 909, URAN B, HELEM NEJSE, DJ SARDI и WHO SEE (С.А.Р.С. од Србија, „Узун Баба ОГ-Сектор 909“ од Северна Македонија, „Урбан Б“ од Косово, „Хелем Нејсе“ од Босна и Херцеговина, „Ди џеј Сарти“ од Албанија и „Ху Си“ од Црна Гора).
„Ова е историски успех за Западен Балкан до кој дојде како резултат на преговори што траеа речиси една година, а кои беа олеснувани од Советот за регионална соработка и Европската унија, по што претставниците на владите на сите шест економии на Западен Балкан во април 2019 година потпишаа спогодба со која се согласија, прво постепено да ги намалат цените на роамингот, за потоа, тие да бидат укинати од 1 јули 2021 година. И од 1 јули, подготвени да започнат интензивно да работат на нула тарифи за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ“,
се наведува во соопштението на РСС.
Концертот ќе се одржи на плажата „Лејк вју“ во Отешево со почеток од 19 часот, а ќе може да се следи и на Јутјуб каналот на РСС, кој е организатор на концертот.

Испирирани од Европската Унија, воспоставивме и создадовме средина каде што сите граѓани на земјите од Западен Балкан ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони за да остваруваат повици, да испраќаат пораки или да сурфаат на интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци од 1 јули, порача министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, на состанок со министрите на земјите од Западен Балкан во Подгорица во петокот.
„Меморандумите за 5G, интероперабилност и доверливите услуги, потпишани минатата година во Тирана, ја отворија вратата за изградба на заеднички технички јазик. Ова ќе им овозможи на ИКТ системите ефикасно да комуницираат во регионот, и во иднина исто така со земјите од Европската Унија. Тоа е мал, но важен чекор на патот кон градење дигитално општество засновано на доверба“
рече Шаќири.
Договорот за укинување на роамингот беше потврден минатата година на Дигиталниот самит во Тирана, а во Белград 2019, шесте економии во регионот го потпишаа Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот.
Со договорот, цените што важат за секој корисник на домашни сообраќајни услуги ќе важат во мрежата на кој било оператор на Западен Балкан. Единствените ограничувања во потрошувачката се можни во однос на тарифниот пакет, и за тоа дали се работи за припејд или за постпејд-корисници. Она што се планира е да се оневозможи злоупотреба – на пример некој да купи картичка во една земја, а потоа да ја користи во својата земја како да е локална.