Законските измени се во фаза на јавна консултација, а за причините да се тргне во оваа насока, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, зборува националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска

Со изјава кај матичен лекар секој граѓанин ќе може да се регистрира како потенцијален органодарител, а податоците ќе се евидентираат и на апликацијата „Мое здравје“ – тоа е една од главните измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, кои се во фаза на јавна консултација. Согласноста нема да биде „засекогаш“ – пациентите ќе може да ја повлечат доколку се предомислат, објаснува националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
„Ако се изгласа законот, потоа ќе се донесе правилник во којшто ќе се прецизираат деталите. Правилникот ќе го содржи начинот на којшто тоа ќе се изведува. Значи, со изјава кај матичниот лекар, на којашто ќе бидат потпишани и пациентот и матичниот лекар, којашто ќе се скенира и ќе се прикачи на ’Мој термин’. Меѓутоа, за да има двојна заштита, сигурност и транспарентност на овој процес, секој пациент може, знаете дека има апликација ’Мое здравје’, да ја симне апликацијата, во којашто ги имате сите ваши прегледи, ваши терапии – ќе стои таму и статусот во однос на согласноста“,
вели Кузмановска.
Таа објаснува дека во светот постојат два модела на регулирање на трансплантацијата на органи и со законските измени во Македонија би се применувале двата. Тоа значи дека пријавувањето во регистарот на донори би било доброволно, но во случај да нема податоци за одреден пациент, ќе се применува постојниот модел со кој се бара согласност од семејството.
„Нашиот актуелен закон предвидува дека ние сите сме донори, сите сме потенцијални донори, освен ако експлицитно не сме се изјасниле со изјава заверена на нотар дека не сакаме да бидеме. Меѓутоа, крајниот збор го кажува семејството после смртта, после мозочна смрт. Вториот модел е ’opt-in’. Значи, тој модел го имаат Соединетите Американски Држави и уште неколку европски земји каде што луѓето за време на својот живот си се регистрираат во т.н. регистри на донори сами според сопствената волја. Подолго време веќе се појавува потребата, тоа го бараат и пациентските здруженија коишто чекаат органи, а и состојбата на терен – еве кога разговараме со семејствата за согласност, многу често провејува една нишка во разговорот, особено кога добиваме несогласување, дека не ја знаат волјата на починатиот. Некогаш дури во едно исто семејство има различни гледишта за органодарителството. Затоа, Министерството за здравство ги предлага овие, секако во консултација со повеќе чинители за трансплантација, овие измени – да постојат паралелно двата модели“,
додава Кузмановска.
Една од причините за иницирање на законските измени е честото несогласување од семејството на потенцијалниот донор.
„Од 1 јануари имавме детектирано седум потенцијални донори. Значи, тоа е висока рата на детекција на потенцијални донори. Тоа значи дека системот е жив, работи, се препознаваат тие пациенти, постојат строги медицински прописи како се препознаваат и како се обработуваат. Меѓутоа, имавме седум одбивања, тоа е еден кластер, голем кластер на несогласувања, за конечно неодамна да дојдеме до согласност“,
вели Кузмановска.
Од Министерството за здравство информираа дека на 19 април беше извшрена успешна трансплантација кај двајца пациенти – кај едниот бубрег, а кај другиот – црн дроб, од ист починат донор.
