Лажејќи ја дека нејзината ќерка скршила нога и дека треба да оди на операција, осомничените од битолчанката успеале да земат околу 150 000 денари, 150 евра, 1 300 австралиски долари и златен накит
Полициски службеници од СВР Битола и нивни колеги од Одделот за криминалистичка полиција лишиле од слобода три лица кои се осомничени дека измамиле битолчанка, од која зеле пари и златен накит лажејќи ја дека нејзината ќерка доживеала повреда и оти се потребни средства за операција.

Како што соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), од слобода се лишени Е.Ј. (46) од Скопје, Д.Т. (48) од Свети Николе и А. Т. (45) од Дојран и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело измама.
Според деталите од МВР, тие делото го сториле на 9 март годинава, кога од битолчанката успеале да земат поголема сума пари и златен накит.
„На 9.3.2026 пријавените со уште едно лице, со лажно прикажување факти довеле во заблуда жена од Битола дека нејзината ќерка ја скршила ногата и требало да се направи итна операција и ѝ побарале пари, по што таа од нејзиниот дом зела околу 150 000 илјади денари, 150 евра, 1 300 австралиски долари и златен накит и ги предала на пријавените“,
се наведува во соопштението од МВР.
