Дваесет спасувачки екипи и беспилотни летала се вклучени во потрагата, но поради лошите временски услови и непристапен терен не можат да стигнат до местото на несреќата
Хеликоптерот во кој се превезувал иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урнал додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на изјави од официјалните ирански претставници.
Си-ен-ен објави дека дваесет спасувачки екипи и беспилотни летала се вклучени во потрагата, но поради лошите временски услови и непристапен терен, тие не можат да стигнат до местото на несреќата.
Повикувајќи се на изјава за државната иранска агенција, Си-ен-ен објави дека иранскиот министер за внатрешни работи Ахмад Вахиди рекол оти еден од хеликоптерите бил принуден да слета поради магливите временски услови.
„Спасувачките групи се движат кон областа, но со оглед на тоа што има магла и лоши временски услови може да потрае некое време додека да стигнат до местото каде што е хеликоптерот. Контактиравме со придружниците на претседателот, но комуникацијата е отежната и немаме точни информации“,
вели Вахиди.
Во конвојот од три хеликоптери бил и иранскиот министер за надворешни работи, а официјален претставник за Ројтерс изјавил дека сè уште не се знае во каква состојба е Раиси.
„Сè уште се надеваме, но информациите што доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“,
изјавил анонимен официјален претставник на Иран.
Раиси патувал во источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.