Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за време на денешната општа расправа, пред таа да биде исцрпена и Буџетот да биде ставен на гласање, оценија дека станува збор за најголемиот и најмегаломански буџет досега, кој е нереален и скроен за пред избори, додека, пак, за нивните колеги од владејчкото мнозинство тој е развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст
Со 63 гласа „за“, ниту еден „против“ и 25 „воздржани“ Собранието доцна попладнево во рамките на 135. седница го донесе Буџетот на државата за 2024 година, кој изнесува 5,5 милијарди евра. Со 87 гласа „за“ пратениците го донесоа и Законот за извршување на буџетот.

Според донесениот Буџет, вкупните приходи за иднинта година се планирани на ниво од 310,1 милијарда денари и се 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за вкупно 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари.
Растот на бројот на вработени се очекува да биде два проценти.
За плати се проектирани 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги е планиран износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери се проектирани 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани околу 13,2 милијарди денари.
Проектираниот дефицит за 2024 година е во износ од 33,5 милијарди денари. Отплатата на долговите во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешниот изнесува 26,4 милијарди денари, а домашниот е 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред сè, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.
Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент, а инфлацијата да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за време на денешната општа расправа, пред таа да биде исцрпена и буџетот да биде ставен на гласање, оценија дека станува збор за најголемиот и најмегаломански буџет досега. Според нив, тој е нереален, полн со лажни бројки, без јасна визија и кој ќе донесе последици за граѓаните во целата 2024 година.
Од најголемата опозициска партија рекоа и дека буџетот е скроен за пред избори бидејќи една третина од средствата во него се предвидени за Министерството за труд и социјална политика за купување на социјален мир.
„Овој буџет е смислен и таргетиран само до изборите, а потоа новата Влада веднаш ќе треба направи ребаланс бидејќи фалат средства“,
рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Ангелеска.

За нивните колеги од владејачкото мнозинство, пак, буџетот е развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст.
Според пратеничката од СДСМ, Лидија Тасевска буџетот ќе биде добра основа за зголемена и забрзана реализација на инфраструктурни проекти, за привлекување странски инвестиции, за поттикнување на иновативноста на домашните компании, како и за интензивирање на конвергенцијата кон Европската Унија.
