Во текот на дискусијата, премиерот Ковачевски посочи дека Владата со Пенов како министер за локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратегиските политики на локално и централно ниво. ВМРО-ДПМНЕ, пак, критикуваше дека власта прави дефокус со предлог за нов министер наместо да понуди решенија за кризата, а конкретно за Пенов од партијата посочија дека не веруваат оти е добро решени

Со 63 гласа „за“ и 30 „против“ пратениците во Собранието го избраа поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, за нов министер за локална самоуправа.
Веднаш по гласањето, тој ја даде и потпиша и свечена изјава со што и официјално стапи на функцијата.


Дискусијата за предлогот Пенов да биде нов министер траеше три дена. На претставувањето на предлогот пред пратениците, премиерот Димитар Ковачевски рече дека е убеден оти Владата со Ристо Пенов во областа на локална самоуправа ќе направи многу повеќе во стратегиските политики и на локално и на централно ниво.

Опозицијата, пак, критикуваше дека станува збор за истрошен кадар кој потекнува од транзицискиот период. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ критикуваше и дека власта со овој предлог прави дефокус на јавноста од вистинските проблеми и наместо да понуди решенија за економската и енергетската криза и да им помогне на граѓаните таа предлага нов министер, за кој не верува дека е добро решение.
Пенов на министерската позиција ќе го наследи Горан Милевски кој си поднесе оставка, а партиските органи на ЛДП, која при распределбата на „владиниот колач“ го доби ресорот локална самоуправа, го предложи Пенов за нов министер.
Освен од министерската, изминатиот период беа гласни и шпекулациите дека до крајот на годината Милевски ќе замине и од лидерската позиција во ЛДП, за каде што како најсериозен кандидат за нов претседател се споменува актуелната потпретседателка Моника Зајкова, која е една од двајцата пратеници што ги има партијата.
Доаѓањето на Пенов на министерската функција значи негово враќање на политичката сцена по повеќе од 10 години. Тој е роден на 28 септември 1957 година во Велес, а првата висока функција што ја извршуваше беше градоначалник на Скопје. На функцијата тој се задржа во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.
