Компанијата била предмет на многубројни сомнежи и поплаки од жителите, а видеоснимките направени од некои локални жители покажуваат оштетен далновод од ветерот на денот на катастрофата, набрзо зафатен од пламен
Повеќе од две недели откако смртоносните шумски пожари речиси израмнија со земја град на Хаваи, округот Мауи објави дека ќе поднесе тужба против главниот снабдувач со електрична енергија на архипелагот, „Хаваи електрик“, обвинувајќи го дека не ја исклучил струјата пред катастрофите.
Компанијата била предмет на многубројни сомнежи и поплаки од жителите, а видеоснимките направени од некои локални жители покажуваат оштетен далновод од ветерот на денот на катастрофата, набрзо зафатен од пламен.
Истрагата сè уште е во тек
Истрагата што ја отвори правосудството сè уште не донела заклучоци, но многумина се прашуваат колкава одговорност има „Хаваи електрик“ во овие пожари, најсмртоносните во еден век во САД, кои однесоа најмалку 115 животи.
„Компанијата постапила небрежно со тоа што не ја исклучила својата електрична опрема, и покрај предупредувањето од американската метеоролошка служба“,
се вели во соопштението на округот Мауи.
Пред огнените јазици да го претворат градот Лахаина во пепел, Хаваиските Острови беа во црвена тревога поради пожарот и силните ветришта предизвикани од ураганот Дора, кој се пробиваше во Пацификот на неколку стотици милји од архипелагот.
„Хаваи електрик“ можеше да предвиди дека силните ветрови ќе соборат столбови, далноводи и ќе ја запалат вегетацијата, се наведува во жалбата.
Снабдувачот имал обврска „соодветно да ги одржува и поправа далноводите и другата опрема и да осигури дека вегетацијата е соодветно исечена и одржувана за да се избегне контакт со надземни далноводи“, се додава во жалбата.
„Хаваи електрик“, „исто така знаеше дека ако нејзината надземна електрична опрема предизвика пожар, тој ќе се прошири со екстремно голема брзина на островот погоден од суша“, се наведува во тужбата.
„Електрична енергија ги снабдува пумпите за вода“
На 14 август извршната директорка на „Хаваи електрик“, Шели Кимура, ја бранеше одлуката на нејзината компанија да не го исклучува напојувањето со електрична енергија.
„Во Лахаина електричната енергија ги снабдува пумпите за вода“,
возврати Кимура прецизирајќи дека секој прекин на струја може да биде опасен за постарите или болните.
Пожарот во Лахаина првично беше ставен под контрола, но пожарникарите беа соочени со други пожари. Во попладневните часови пожарот повторно избувна, а пламените јазици го зафатија градот.
Оваа недела властите објаснија дека сè уште идентификуваат 1 100 исчезнати лица.