Катастрофалните пожари, кои ги претворија населбите на островот Мауи во пустина и уништија повеќе од илјада објекти, веројатно се најголемата природна катастрофа во американската сојузна држава, изјави гувернерот на Хаваи. Се очекува бројот на смртни случаи да го надмине оној од цунамито во 1960 година, во кое загина 61 лице
Смртоносниот биланс од жестоките шумски пожари што го опустошија хавајскиот остров Мауи се искачи на најмалку 53 загинати лица, а официјални претставници предупредија дека бројот на жртви најверојатно ќе расте, пишува „Гардијан“.

Катастрофалните пожари, кои ги претворија населбите на островот во пустина и уништија повеќе од илјада објекти, веројатно се најголемата природна катастрофа во американската сојузна држава, изјави гувернерот на Хаваи. Се очекува бројот на смртни случаи да го надмине оној од цунамито во 1960 година, во кое загина 61 лице.
„Не знаеме колку мртви луѓе имаме… Едноставно не знаеме“,
изјави началникот на полицијата во Мауи, Шон Пелетиер, на прес-конференција вчеравечер.
Катастрофата започна во вторникот вечерта кога три пожари избувнаа на Мауи, отсекувајќи ја западната страна на островот. Пламените јазици се движеле толку брзо, што некои преживеани побегнале скокајќи во океанот и биле спасувани од тимови на американската крајбрежна стража. Најмалку 30 луѓе се повредени, со изгореници и последици од вдишување чад, а илјадници други се раселени.
Спасувачките екипи продолжуваат со напорите за масовна евакуација на населението и со очајничката потрага по преживеани, додека раселените жители се обидуваат да се помират со катастрофата, особено во историскиот град Лахаин, кој е речиси целосно уништен.
Гувернерот на Хаваите, Џош Грин, ги опиша пожарите како „најверојатно најголемата природна катастрофа“ во историјата на државата.
„Она што го видовме беше катастрофално. Целиот обем на уништувањето на Лахаин ќе ве шокира. Како да експлодирала бомба“,
рече тој.

Закрепнувањето по опустошувачките пожари ќе трае со години, а штетите се проценуваат на милијарди долари. Но, градот ќе се обнови, рече Грин.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера прогласи состојба на природна катастрофа на островот Мауи на Хаваите, што ќе овозможи да се користи федералната помош за да им се помогне на локалните напори за обновување на областите погодени од шумските пожари. Тој вети дека федералниот одговор ќе обезбеди „секој што изгубил близок, или кој е оштетен или има уништен дом, веднаш да добие помош“.
Управата за туризам на Хаваите соопшти дека повеќе од 14 000 туристи биле евакуирани од островот Мауи за да си одат дома или за да го продолжат својот одмор на друго место на Хаваи.
Проценките беа дека до крајот на вчерашниот ден треба да бидат иселени уште 14 500 луѓе, наведува Би-би-си.
Дел од туристите и жителите евакуирани од островот Мауи привремено се сместуваат во конгресниот центар во Хонолулу.
На илјадници луѓе ќе им треба домување, вели гувернерот на Хаваи, Џош Грин. Претставниците на локалните власти планираат да бараат хотелски соби за преживеаните од пожарот. Грин, исто така, ги повика жителите низ државата да ги отворат своите домови за да ги примат раселените, пишува „Гардијан“.
Како што пренесува британскиот национален сервис, околу 288 000 туристи го посетиле Мауи од почетокот на ова лето – еден од неколкуте острови што ја сочинуваат државата Хаваи.