Ристо Ставревски, кандидатот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, сепак, е именуван за началник на СВР Скопје. Изјавата за несогласување со неговата кандидатура од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска и не до крај јасните законски одредби, внесоа забуна за тоа дали Ставревски е именуван или Петровска го блокирала неговото назначување.
Петровска во изјава за медиумите рече дека не се согласува со тоа Ставревски да биде прв човек на СВР Скопје затоа што бил дел од „бомбите“ што СДСМ ги објавуваше во 2015 година. Станува збор за разговор на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и Ристо Ставревски, од позиција на советник во нејзиниот кабинет, за предизборни средби и убедувања различни категории граѓани – резервисти, бранители, бизнисмени…
Министерот Чулев во изјава за „Нет прес“ рече дека Ставревски е професионалец и дека тоа што бил дел од кабинетот на Јанкуловска не е пречка да биде назначен.
Два члена за исто прашање
Ако се видат одредбите од членот 44 (став 4) од Законот за Владата, се чини дека на министерот Чулев не му е потребна согласност (потпис) од дополнителната заменик-министерка Петровска за ниедно од 15-те дозволени „разрешувања и распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството“, па ни за Ристо Ставревски да биде началник на СВР Скопје. Тоа за што треба да води сметка Чулев е ставот 6 од истиот член 44: „Со денот на именувањето на лице на раководната позиција од ставoт (4) на овој член, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик-министер“.
Но, во членот 46 (став 3) повторно се третира прашањето за кадровски промени, на генерален начин, за сите ресори во кои се избрани дополнителни заменици-министри: „Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи што ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот, како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите“. Оваа одредба во Законот би можела да се толкува на начин кој ѝ дава право на Петровска да го блокира назначувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје.
Во таков случај би требало да се активира законската одредба од членот 48 од Законот за Владата, која вели: „Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик на министерот во министерствата, во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство. Одлуката на Државната изборна комисија е конечна“.
Експерт по право, кого го консултиравме, смета дека одредбите од член 44 став 4 и 6 се однесуваат специфично на МВР и може да се толкуваат како исклучок од генералното правило од член 46. Овој пристап би значел дека Петровска не може да го блокира назначувањето на Ставревски за прв човек на СВР Скопје и дека нејзиното несогласување останува на ниво на политички став. Министерот има законска обврска да именува дополнителен заменик на нејзин предлог, кој понатаму може да блокира одлуки на началникот (Ристо Ставревски).
Ристо Ставревски е наведен како нов началник на СВР Скопје и во официјалното соопштение што го издаде МВР.
Дополнителен заменик-началник на Ставревски ќе биде досегашниот началник на СВР Скопје, Тони Јакимовски.