Благовремено ќе ве известиме кога ќе може да се каже кои дејствија се преземаат и евентуално каква одлука е донесена, им одговори денеска државниот обвинител на новинарите

Постапката што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за изборот на надзорот за изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д е во фаза на предистрага, соопшти денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Поради ова, односно самата фаза во која се наоѓа предметот, засега Обвинителството не може да сподели никакви информации со јавноста за дејствијата што се преземаат, посочи шефот на Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство ја информира јавноста дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистрага, постапка со надзорот на градењето на автопатиштата и дека ова обвинителство во овој момент ги презема јавнообвинителските потребни дејствија. Заради постапката во која се наоѓа предметот, повеќе информации за јавноста во овој момент не можеме да соопштиме. Кога ќе можат да се приопштат дејствијата што ги презема Јавното обвинителство и евентуално донесената одлука, за тоа благовремено ќе бидете известени“,
изјави денеска Јовески, одговарајќи на новинарско прашање.
По серијата истражувачки објави, ОЈО ГОКК пред два дена во одговор на прашање на „360 степени“, соопшти дека отворило предмет по допрен глас и дека тој е веќе распореден кај јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
наведоа во одговорот од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, изминатиот период е во фокусот на јавноста поради повеќе сомнителни моменти.
Поради сомнежите што ги отворија новинарските стории и објавите од опозицијата, претставниците на Владата повеќепати досега упатуваа пораки, доколку има нешто нерегуларно, да се пријави во Обвинителството. Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати јавно ги повика и Обвинителството и Државната комисија за спречување корупција да ги испитаат сомнежите.
Конзорциумот кој го доби тендерот за надзор на изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д го сочинуваат две странски фирми (италијанската ИРД и шпанската „Ептиса“) и две домашни компании („Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“).