На денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ ќе сведочат новинари, политичари и други лица, кои во периодот од 2008 до 2014 година биле прислушувани.
Во случајот во нелегалното следење на комуникациите денеска се најавени 20 сведоци, а меѓу нив и Горан Сугаревски, Фросина Ременски, Саша Богдановиќ, Сашо Ордановски, Борјан Јовановски, Горан Михајловски, Оливера Трајковска, Душица Мрѓа, Саше Димевски, Младен Чадиковски, Катерина Цановска Арсовска, Јадранка Костова и Сашка Цветковска.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.