Потврдата од полицијата ја дадоа за ТВ Телма. Со тоа се комплетира сликата за целиот настан кој ќе заминеше во заборав ако видеото во кое се фатени дел од дејствијата не станеше вирално
Телевизијата јавува дека дисциплинска постапка е отворена и против полицаецот кој, на крај, наредува „пајакот“ да го дигне возилото „порше“ кое го управувал поранешниот политичар Срѓан Керим. Претходно МВР тврдеше дека тој одбил веднаш да го крене непрописно паркираното возило затоа што проверувал исказ на колеги кои му кажале дека е службено
Пред неколку дена социјалните мрежи во земјава ги запали видео за кое ќе се испостави дека е снимено на 22 март. А на него група млади се нафрлаат на „екипаж“ на возило „пајак“ и полицаецот кој е дојден заедно со нив на локација во Дебар Маало во Скопје. Причината е што „пајакот“ повикан да отстрани џип „порше“ паркиран на улица и преку велосипедска патека, се подготвува да замине без да си ја заврши работата.
На видеото може да се види и слушне како полицаецот објаснува дека возилото било службено – полициско, односно дека е таму по работа. Но, младите се упорни – му возвраќаат дека џипот е таму неколку часа, а газдата си седи во ресторан. Полицаецот, се чини, се колеба. Влегува во ресторанот, се враќа и на крај дава зелено светло возилото да се стави на возилото „пајак“.
На 4 април МВР ја соопшти својата верзија на настаните. Накратко, полицаецот што бил дојден со пајак-возилото првично бил излажан од колеги во ресторанот дека возилото е полициско. Откако утврдил дека не е полициско, наредил да биде кренато на „пајакот“.
Двете лица, кои се претставиле како полициски службеници и тврделе дека возилото е службено, со патничко возило „форд мондео“ се упатиле кон депото. Полициските службеници од ОВККИПС извршиле проверки за возилото „форд мондео“ и констатирале дека истото го управувале полициските службеници Т.Д. и И.С., распоредени во Одделението за лично обезбедување на претседателот на РМ,
соопшти МВР на 4 април 2025 година.
МВР никогаш не кажа кој го возел „поршето“, но од иницијалите и очевидците се откри дека тоа бил Срѓан Керим – поранешен амбасадор, министер и претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на ОН. Не беше до крај јасно што правеле во ресторанот и зошто колегите ги излажале двајцата полицајци. Барем до денеска.
За ТВ Телма од МВР потврдија дека двајцата полицајци го чувале сопругот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Благој Давков.
„Полициските службеници биле ангажирани за обезбедување на лице поврзано со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, конкретно нејзиниот брачен другар, кој во моментот бил присутен во угостителски објект. Активноста на полициските службеници е во рамки на редовните мерки и надлежности согласно Уредбата за обезбедување личности и објекти“,
одговориле од МВР за ТВ Телма.
Сега, во рамките на шпекулациите, останува само уште тврдењето дека Благој Давков и Срѓан Керим, всушност, седеле заедно во ресторанот. Оттаму, лесно може да се разберат и мотивите – зошто полициските службеници се обиделе да го спречат кревањето на џипот.