Поради сè поголемиот број заразени со коронавирус, Словенија прогласува епидемија, јави МИА од Љубљана.
Ова на прес-конференција го објави премиерот Марјан Шарец, според кого ова е неопходна мерка имајќи го предвид она што се случува во Словенија, но и соседните земји. И официјално до 9 часот утринава во земјата има 82 потврдени случаи на коронавирус, што е за 26 повеќе од синоќа.
Здравствените власти во Словенија предвидуваат дека наредните денови и недели ќе има зголемување на бројот на заразени лица.
Објавено е дека ќе се активираат сите служби за цивилна заштита.
Дополнително, словенечката полиција почна да ги враќа и товарните возила што доаѓаат од Италија бидејќи соседна Хрватска не дозволува влез на овие камиони на нејзина територија, па затоа се создаде метеж на словенечка територија.
„Ќе помине извесно време за повторно да го вратиме животот како досега. Да ги оставиме да работат оние што знаат како да се справат со вирусот. Граѓаните да ги слушаат препораките на стручните лица, а не на некои интернет-страници. Не смееме на никој начин да ги дискредитираме оние што се заразени со коронавирусот“, изјави Шарец.
Вчера Светската здравствена организација прогласи пандемија на коронавирусот.