Словенија најави дека почнува со постепено враќање на образовниот процес во нормала, пренесува МИА.
Владата реши од 18 мај најпрво да ги отвори градинките и училиштата, но само за некои одделенија.
*Поврзани вести: Италија: Ќе се бришат податоците од апликацијата за следење заразени од ковид-19
Според министерката за образование Симона Костец, во овој момент интензивно се работи на создавање услови за безбедно одвивање на наставата во училиштата, но и за престој на децата во градинките.
„Најпрво ќе ги отвориме градинките и основните училишта за најниските одделенија. Меѓу првите во редовна настава ќе се вратат и учениците кои имаат завршен испит или матура“,
изјави Костец за Поп ТВ.
Министерката најави дека за сите други ученици учебната година ќе заврши со предавањата преку интернет. Заводот за образование предложи учениците што учат од дома да не бидат класично оценувани, односно преку семинарски трудови и практични задачи да биде утврдено колку совладале од предвидениот материјал.
Поради епидемијата на коронавирусот, образовниот процес во Словенија беше стопиран на 16 март, кога со одлука на владата беа затворени сите училишта и градинки.