Скратување на изолацијата е за да се спречи персоналниот колапс на есенцијалните дејности, но и на целата економија поради големиот број луѓе во карантин и изолација. Стопанството бараше изолацијата да трае само пет дена, но Владата не прифати

Поради брзото ширење на сојот омикрон, во Словенија од денеска се скратува десетдневниот период на изолација на заразените, па тие ќе можат да се вратат на работа по седум дена, доколку добијат негативен тест.
Според статистиките, во последните 24 часа три четвртини од направените тестови биле позитивни, односно од 11 104 тестирани регистрирани се 8 396 нови случаи на инфекција со коронавирус.
Бројот на новозаразени е помал од претходниот ден, но е за 60 отсто поголем од пред седум дена.
Одлуката на словенечката влада за скратување на изолацијата е за да се спречи персоналниот колапс на есенцијалните дејности, но и на целата економија, поради големиот број луѓе во карантин и изолација.
Податоците покажуваат дека осум отсто од сите вработени во трговскиот сектор се заразени или отсуствуваат од работа поради ризични контакти.
Стопанството бараше изолацијата да биде пет дена, но Владата во Љубљана го отфрли тој предлог и препорача компаниите да ги зајакнат контролните механизми во работната средина за да не се зголемува бројот на заболени.