Словенија донираше 110 илјади евра во заштитна опрема наменета за македонската полиција, информираат од МВР.

Донацијата од 100 илјади маски и уште толку ракавици ја прими техничкиот министер Наќе Чулев на скопскиот аеродром.

,,Имајќи го предвид моментот доаѓа помошта, таа е од исклучително значење за нас. Во оваа пригода сакам пред сè во мое и во име на Министерството за внатрешни работи да му се заблагодарам на словенечкиот премиер Јанез Јанша и на нашите пријатели од Словенија. Секоја донација и секоја помош е исклучително важна и значајна за Министерството за внатрешни работи и ќе ги зајакне и поддржи нашите секојдневни напори за заштита на полициските службеници кои во рамки на своите работни обврски и задачи деноноќно се изложени на ризикот од зараза со корона вирусот“, истакна Чулев.
За донацијата од Словенија се огласи и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кој на својот профил на Фејсбук порача дека тој придонел за донацијата преку телефонски разговор со премиерот и лидер на сестринска партија СДС, Јанез Јанша.
„Побарав од премиерот Јанша да помогне Словенија во рамките на своите можности и капацитети. Денес, на скопскиот аеродром пристигна првата помош во заштитни маски и медицински ракавици од земја членка на Европската Унија, Република Словенија. Во таа насока сакам да изразам јавна благодарност до нашиот пријател и пријателот на Македонија – Јанша за помошта и тоа што за брзо време се испорача помош која во овие моменти ќе биде значајна за луѓето кои се во првата линија во борбата против заразната пандемија. Ова е време кога сите вистински треба да ја покажеме солидарноста и хуманоста на дело и на начин на којшто можеме да помогнеме во надминување на оваа тешка криза. Секој според можностите и преку средства со коишто може да придонесе, затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.