Јанша и Фон дер Лајен, на стартот на новото шестмесечно претседавање со ЕУ, изјавија дека се посветени на остварување напредок во процесот на проширување на Унијата
Премиерот на Словенија Јанез Јанша денеска го инаугурираше почетокот на словенечкото претседавање со ЕУ во Љубљана, заедно со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Тие потврдија дека се работи на формален старт на преговори со Северна Македонија и Албанија во наредните шест месеци.
Јанша изјави дека проширувањето е стратешка цел на Европската Унија, така што тој очекува дилемите да се решат и да се постигне согласност помеѓу 27 земји членки на ЕУ за време на шестмесечното претседавање на Словенија.
Фон дер Лајен исто така потврди дека ЕК, исто така, ќе вложи напори за постигнување на оваа цел.
„Посветени сме да оствариме напредок во процесот на проширување преку формално отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и го поздравувам организирањето на самитот со западен Балкан“,
изјави претседателката на ЕК, посочувајќи на самитот што треба да се одржи во Словенија на 6 октомври.