Словачка неколкупати стави вето на новиот пакет санкции против Русија за да се обиде да добие отстапки во посебниот план за постепено укинување на увозот на нафта и гас од Русија, на што, за разлика од санкциите, не е потребна едногласна поддршка од земјите на ЕУ
Словачка ќе престане да го блокира и оти денеска ќе го поддржи новиот 18. по ред пакет санкции на Европската Унија (ЕУ) против Русија, соопшти премиерот на земјата Роберт Фицо преку видеообраќање на социјалните мрежи вчера вечер.

„Во овој момент би било контрапродуктивно да се продолжи со блокирањето на 18. пакет санкции утре (18.07.2025 г.)“,
рече Фицо во видеопораката објавена на Фејсбук, пренесе ХРТ.
Инаку, дипломати на Европската Унија за Ројтерс изјавиле дека амбасадорите на земјите членки на Унијата денеска наутро ќе се состанат за да го одобрат новиот пакет санкции.
Европската комисија минатиот месец предложи 18. пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина во 2022 година, насочени кон приходите од енергија, банките и воената индустрија.
Предложениот пакет вклучува променлива граница на цената на руската нафта на 15 отсто под просечната пазарна цена на суровата нафта во претходните три месеци, изјавиле дипломати од ЕУ.
Предлогот, исто така, би ги забранил трансакциите со рускиот гасовод Северен тек, како и банките вклучени во избегнување на санкциите.
Словачка неколкупати стави вето на пакетот за да се обиде да добие отстапки во посебниот план за постепено укинување на увозот на нафта и гас од Русија, на што, за разлика од санкциите, не е потребна едногласна поддршка од земјите на ЕУ.
Инаку, Словачка продолжува да увезува руска енергија, вклучително и гас според договор што важи до 2034 година и често зазема проруски позиции во врска со Украина.
Фицо во вторникот изјави дека Словачка добила гаранции од Комисијата за помош во случај на потенцијален недостиг на гас или зголемување на цените и транзитните такси, како и помош во спорови околу потенцијални барања за отштета од рускиот добавувач „Гаспром“.
Европската комисија во писмо до Словачка во вторникот наведе дека ќе интервенира во потенцијални судски спорови и исто така ќе разјасни како би можело да се предизвика „итен прекин“ ако цените на гасот се зголемат поради ограничени резерви за време на постепеното укинување на увозот на рускиот гас.
Брисел, исто така, ќе развие решение насочено кон намалување на трошоците за прекугранични тарифи за гас и нафта за Словачка, се вели во писмото.
Малта, исто така, претходно изрази резерви во врска со предложеното ограничување на цените на руската нафта, но нејзината влада доцна синоќа соопшти дека ќе ги поддржи новите санкции во петок, велат дипломатски извори за Ројтерс.