Со ова се одбележа почетокот на чартер-летовите што ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден почнувајќи од денеска до почетокот на јуни и потоа од октомври до средината на декември
Првиот чартер-лет со 180 германски туристи на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“ денеска беа пречекани на скопскиот аеродром од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот туроператор на „РСД рајзен“ (RSD Reisen), Хорст Живковиц.
Со ова се одбележа почетокот на чартер-летовите што ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден почнувајќи од денеска до почетокот на јуни и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35 000 туристи во земјава.
„Она што е најзначајно да се каже е дека со заеднички напор на Владата, на туроператорите, со заеднички напор и поддршка и на ‘ТАВ Македонија’ и на двата аеродрома, скопскиот и охридскиот, успеваме да привлечеме туристи кои доаѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај, како и периодот меѓу октомври и декември, во Македонија само оваа година ќе дојдат 35 000 туристи“,
рече Николоски.
Тој изрази очекување оваа бројка да расте во наредните години.
Министерот Љутков, пак, изрази надеж дека ќе бидеме бидеме добри домаќини во иднина со ваков капацитет и угостителите ќе имаат можност да ги подобруваат своите капацитети во иднина, со што би имале и поголем број туристи и поголем број сместувачки капацитети.
„Се надеваме дека сите 35 000 туристи кои се очекува да пристигнат оваа година од 13 различни дестинации од Германија, Франција и Велика Британија на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ ќе имаат убави сеќавања од нивното патување исполнето со гостопримство, културни доживувања и гастрономски уживања“,
изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Европските градови од кои ќе полетува „Фрибрд ерлајнс“ и ќе слетува на скопскиот аеродром се – Хамбург, Хановер, Минхен, Штутгарт, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф и Франкфурт (Германија), Манчестер, Лондон – Гетвик (Велика Британија) и Париз, Лион и Марсеј (Франција).