Сè уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот парламентот, изјави денеска министерот Османи
На прашањето дали ситуацијата во Украина ќе влијае во донесување евентуална одлука во јуни за старт на преговорите со ЕУ, Османи истакна дека во моментов првостепено е прашањето на Украина каде што гинат луѓе, а земјава не е во фаза на убедување на Унијата бидејќи ние имаме поддршка од 26 земји членки, а единствено имаме разлики со Бугарија која бара гаранции за имплементација на Договорот од 2017 година
На 23 и 24 март во Скопје доаѓа министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, на 23 и 24 март во Скопје, најави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Како што кажа на денешниот брифинг, Османи на Дипломатскиот форум во Анталија имал средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, со кого разговарале за случувањата во Украина, ангажманите на двете држави визави војната таму, но најголемиот дел од средбата посветиле на нашите политички разговори и отворените прашања.
„Разговаравме за сите точки, констатиравме дека навистина треба да се донесат одлучни одлуки во овој период заради тоа што очигледно прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент. Значи, веќе не е прашање само на кредибилитетот на ЕУ, туку е безбедноста на регионот и ова се сведува во оваа ситуација пред сè на европска безбедност, процесот на проширување односно комплетирање на ЕУ“,
рече Османи.
Тој истакна дека разлики се уште постојат, но исто така дека се прават обиди да се дојде до прифатливи решенија за двете страни.
„Се уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот парламентот. Се разбира и во Република Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза“,
истакна Османи.
Прашан дали има разлики кај нас, на пример, меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата, Османи категорично го демантираше тоа. Во врска со текст објавен вчера, Османи рече дека тој се однесува на разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната влада, а не кај нас.
„Поради некој записник од Брисел се констатираше дека има разлики меѓу нивното МНР и другите чинители во коишто јас нема да се мешам, бидејќи тоа се внатрешни односи таму, ние разговараме со бугарската Влада“,
рече Османи.
Тој повтори дека кај нас има апсолутно усогласени во ставовите и во позициите согласно резолуцијата на Собранието и без никакви разлики во овој процес.
„Ние немаме апсолутно никакви разлики, ниту експертите во МНР, ниту јас како политичко раководство на МНР, ниту премиерот. Сите сме во постојана координација, вчера имавме една долга средба за координирање, денеска попладне ќе имам повторно средба за координирање. Ние сме апсолутно унисони и во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно“,
тврди Османи.
Борел не е за проширување туку за надворешна политика и безбедност
Посетата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, Османи ја оцени како исклучително важна бидејќи го споменува Западен Балкан во контекст на случувањата во Украина и со тоа го подига вниманието на светската јавност за тоа дека регионот е оставен ранливо подрачје каде што мора да се дадат јасни и прецизни пораки.

Во контекст на неговата изјава за датум за преговори, Османи потенцира дека Борел е висок претставник за надворешна и безбедносна политика, а проширувањето е внатрешна политика на ЕУ и за тоа е надлежен комесарот Вархеји.
„Меѓутоа, мислам дека пораката на неговото доаѓање вчера тука како прва дестинација, фактот што Република Северна Македонија постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и тој дојде лично да ја поздрави таа одлучност на државата и сега станавме едно симболично трио на 100 отсто кандидати, бидејќи сега Албанија, Црна Гора и Северна Македонија се трите држави во регионот коишто имаат стопроцентно усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ и некако го регрупира и регионот по однос на перспективата за ЕУ“,
вели Османи.
Влијанието на ситуацијата во Украина врз проширувањето
На прашањето дали ситуацијата во Украина ќе влијае во донесување евентуална одлука во јуни за старт на преговорите со ЕУ, Османи истакна дека во моментов првостепено е прашањето на Украина каде гинат луѓе, а земјава не е во фаза на убедување на Унијата, бидејќи ние имаме поддршка од 26 земји членки, а единствено имаме разлики со Бугарија која бара гаранции за имплементација на Договорот од 2017 година.
„Ова е прашање на безбедносно консолидирање на ЕУ. Ние сме на портите на Унијата, а чуварите на портите треба да бидат најбезбедните за да го зачуваат домот од малигни влијание, нелегална миграција, тероризам… Портата е тука на Балканот и доколку остават портата да биде небезбедна, нема да биде безбеден ни дворот, ни домот. Сега тие сфаќаат колку е важен овој регион за безбедносната консолидација. Во тој контекст сметам дека свесноста е поголема. Дали ќе помогне, дали тоа ќе помогне во Бугарија не можам да кажам, но ќе покаже времето“,
оцени шефот на дипломатијата Бујар Османи.