„Ние честопати зборувавме дека начинот што го одбраа синдикалците не е начин за да се реализираат барањата и да се надминат сите овие работи. Само со разговор се решаваат работите и само на тој начин може да се дојде до решение што ќе биде успешно“, изјави денеска Мицкоски прашан за барањето на вработени во неколку министерства за зголемување на платите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека на почетокот на следната ќе има средба меѓу Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). На неа треба да се разговара за барањето на вработени во неколку министерства и две институции за потпишување колективни договори што ќе им овозможи да го добијат додатокот на плата од 30 проценти. За ова нивно барање, тие минатата недела одржаа предупредувачки протести, а упатија и формално барање до Владата за средба.

Премиерот рече дека на Синдикатот на УПОЗ ќе му бидат понудени два-три термини за средба, на која, како што кажа, заедно ќе ги анализираат работите.
Мицкоски додаде дека се подготвува и состанок на Економско-социјалниот совет, на кои, исто така, ќе може да се разговара за ова прашање.
„Ние честопати зборувавме дека начинот што го одбраа синдикалците не е начин за да се реализираат барањата и да се надминат сите овие работи. Апсолутно на почетокот на следната недела ќе се сретнам, нормално во зависност од нивното расположливо време. Јас денеска од овој настан ќе појдам во Владата, имам од два часот редовни состаноци, да го видам како е распоредот, ќе им предложиме два-три термина, нека изберат еден. Ќе се сретнеме, ќе разговараме, ќе ги анализираме заедно работите. Меѓу другото се подготвува и состанок на Економско-социјалниот совет, ќе можеме и таму да разговараме“,
изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на општина Петровец каде изврши увид во градежни активности на патот Катланово-Градманци.
Заокружувајќи го одговорот, премиерот рече дека со разговор се решаваат работите и дека само на тој начин може да се дојде до решение што ќе биде успешно.
Вработени од седум министерства и од Државниот завод за статистика и Државниот архив од 14 до 17 јануари годинава одржаа неколку предупредувачки протести пред Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерство за култура и Министерството за финансии, барајќи потпишување на колективни договори и исплата на 30 проценти додатоци на плата.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на протестот од пред Министерството за финансии на 17 јануари рече дека поднеле формално барање за средба со претседателот на Владата, откако претходните денови се изначитале декларативни соопштенија од страна на Владата кои ги канела на средба преку медиумите
Деаноски рече дека дијалогот не се води преку соопштенија и медиуми, а со барањето за средба инсистираат на продолжување на дијалогот за кој рече дека еднострано бил прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата за вработените што протестираат.
Од Владата тогаш го прифатија повикот за средба и најавија дека таа ќе се реализира по враќањето на премиерот Христијан Мицкоски од САД, по повод инаугурацијата новиот американски претседател Доналд Трамп.
На вториот ден од протестот од Владата изразија изразува сомнеж дека зад „штрајкот“ стои политичка заднина, која, според нивните оцени, дејствува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребувале правата на работниците.
Деаноски, пак, на овие наводи одговори дека секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден, истовремено посочувајќи дека нивните активности не се штрајк, туку протест.
На протести кои се одржуваа од 11 до 11:30 часот минатата недела излегоа вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, потоа нивните колеги од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.
Од последниот протест, Деаноски порача дека ако Владата не покаже разбирање и не ја прифати подадената рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение, повторно ќе ги активираат протестите, а ќе ги искористат и сите други со закон дадени можност за изразување на незадоволството на работниците, сè до остварување на нивните барања.