Партијата на Слави Трифонов која победи на парламентарните избори во Бугарија но нема мнозинство за да ја состави идната влада, по трет пат за две недели го менува својот став околу кадровските решенија кои има намера да ги претстави во пресрет на првата седница на бугарскиот парламент која треба да се одржи утре.
По првиот неуспешен обид, преку Фејсбук да наметне кандидат за премиер и членовите на владата на предлог, Трифонов ретерираше и го повлече предлогот, кој инаку беше одбиен како несериозен од сите, вклучувајќи ги и потенцијалните партнери, т.н. протестни партии, „Демократска Бугарија“ и „„Исправи се! Мафијата надвор!“.
Во вториот наврат, „Има таков народ“ најави дека пак ќе предложи свои фаворити за министерските фотељи. Но лути на останатите партии од кои очекува поддршка, тие соопштија дека нивната понуда е „земи или остави“, односно дека нема да преговараат ниту да се консултираат со партиите кои им се блиски, бидејќи тие како победници имаат право на тоа.
Но, веќе денеска излегуваат со нова стратегија за составување на идната бугарска влада. Ја менуваат позицијата и велат дека пред да го претстават предлогот, ќе спроведат консултации со политичките формации од кои се надеваат на гласови.

„Тоа што треба да го сториме во парламентот, таму и ќе го направиме. Предлогот ќе им го обелодениме и за него ќе разговараме со останатите пратенички групи. Нема да ја користам фразата – ги извлековме потребните поуки, но секоја информација за која треба да бидат запознаени останатите ќе ја разгледаме и ќе дебатираме за неа. Сметам дека последните неколку дена, со своето однесување покажуваме дека сме свесни за товарот кој го носиме на нашите плеќи“,
изјави Ивајло Велчев од ИТН по средбата на нивната пратеничка група.