На прашањето дали ова значи дека граѓаните не треба да одат на одмори, Ристески рече никој не ги лишува од правото на одмор, но смета дека одењето во странство не е еден од податоците што треба да влезе во потрошувачката кошничка
Во однос на мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците, Ристески вели дека дава резултати и има дефлација од 1,3 отсто во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто

Просечната потрошувачка кошничка, што до крајот на месецот ќе биде презентирана, ќе се однесува на тричлено семејство и во неа нема да има алкохол, цигари, летување во странство и овошја што не се карактеристични за одредена сезона. Тоа го сметаме за луксуз, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Ристески вели дека сите производите во кошничката ќе бидат сезонски, а податоците ќе се земаат од маркети во кои има и високи, средни и најниски цени, како и од зелените пазари и локални маркети од различни региони.
На прашањето дали ова значи дека граѓаните не треба да одат на одмори, Ристески рече никој не ги лишува од правото на одмор, но смета дека одењето во странство не е еден од податоците што треба да влезе во потрошувачката кошничка.
„Секој еден според својот личен стандард и можности може да се обезбеди или не одмор во странство, но не е податок што треба да влезе во пресметката на просечната потрошувачка кошничка“,
рече Ристески.
На укажување дека досега во кошничката се пресметувал одмор во Дојран, а не во странство, Ристески рече дека не сака да ги открие податоците, но нагласи дека таа е квалитетно изработена.
„Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците кои постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот“,
рече Ристески.
Ристески вели дека кошничката е веќе готова и ќе оди на усогласување со синдикатите, Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачите. За да биде верификувана, додава тој, ќе мора да биде помината и гласана во Економско-социјалниот совет (ЕСС) кој ќе биде одржан наскоро.
Тој вели дека најверојатно до крајот на месецот таа ќе биде претставена ЕСС.
Ристески додаде дека не ја оспоруваат минималната потрошувачка кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и додаде дека имаат иста цел да го заштитат животниот стандард на граѓаните, меѓутоа, како то рече, просечната потрошувачка кошничка е врз база на релевантни податоци и политики.
Во однос на мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците, Ристески вели дека дава резултати и има дефлација од 1,3 отсто во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто.
Ристески рече дека тоа е израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува во Израел, Италија, Хрватска.
„Една од новите можности за контрола на цените е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10 000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена. Покрај тоа, оперативно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, која ревносно работи од јануари наваму, откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало“,
додаде Ристески.
Владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените стапи во сила на 20 февруари и ќе трае до 30 април, а производите што се опфатени со неа треба да се обележани со натписите „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ или со „Замрзнати цени“.
Со одлуката се опфатени 102 групи производи или на над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи. Трговците се задолжени на рафтовите да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи на производи.