На средбата на премиерот Ковачевски и евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, како што информираа од владиниот прес-центар, изразена е поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на земјава со цел непречен тек на преговарачкиот процес
Скрининг процесот на Северна Македонија со Европската Унија се движи во добар правец, заклучија на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и евроамабасадорот Дејвид Гир.
На средбата, како што информираа од владиниот прес-центар е изразена поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на земјава со цел непречен тек на преговарачкиот процес.
„Констатирано е дека напредокот на евроинтеграциите е од значење и за квалитетот на живот на граѓаните на нашата држава и за стабилноста на Европската Унија, поради што од клучно значење се сметаат фокусот, довербата и инклузивноста на сите страни во овој процес“,
се наведува во владиното соопштение.
На средбата, Ковачевски и Гир разговарале и за важноста од натамошното унапредување на реформскиот процес, особено во областа на правосудството.
„Заеднички е изразено очекување за резултати базирани на професионални капацитети, принципи и интегритет“,
се додава во соопштението.
Дополнително, како што информираа од Владата, на средбата биле разговарани и други актуелни прашања посебно околу последиците од војната во Украина во глобални рамки и предизвиците во енергетската сфера со што се соочуваат Европа и светот. Изразена е и согласност за потребата од солидарен пристап при разгледувањето можни решенија.