Таа најави дека засилените инспекциски надзори ќе продолжат и наредните денови иако, како што рече, добиле уверување од директорите на градинките дека мерката ќе биде почитувана
Бројот на невакцинирани деца во Скопје, според Младеновска, е поразителен факт за ова општество. Таа вели дека во другите градови родителите се одговорни и ги почитуваат обврските да го вакцинираат детето согласно календарот за имунизација

Скоро 50 отсто од децата кои посетуваат градинки во Скопје се невакцинирани или нецелосно вакцинирани со ди-те-пер. За разлика од Скопје, во останатите градови покриеноста со имунизација со ди-те-пер е над 95 отсто. Податоците денеска ги соопшти директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска која рече дека ова се првичните информации кои ги имаат добиено по вчерашните засилени инспекциски контроли на градинките во Скопје, но и во другите градови.
„Во текот на вчерашниот ден Државниот санитарен и здравствен инспекторат излезе на терен. Сите инспектори на територија на Град Скопје почнаа да ги вршат вонредните инспекциски надзори согласно одлуката што ја добивме од страна на министерот за здравство. Издадовме решенија во сите градинки на територија на Град Скопје со забрана за прием на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со ди-те-пер“,
рече Младеновска.
Таа најави дека засилените инспекциски надзори ќе продолжат и наредните денови иако, како што рече, добиле уверување од директорите на градинките дека мерката ќе биде почитувана.
Бројот на невакцинирани деца во Скопје, според Младеновска е поразителен факт за ова општество. Таа вели дека, по вчерашните контроли во градинките во внатрешноста на земјата, било очигледно дека родителите се одговорни и ги почитуваат обврските да го вакцинираат детето согласно календарот за имунизација.
„Очигледно е дека проблемот е тука во Град Скопје“,
рече Младеновска.
Во однос на реакциите на родителите дека им било укажано дека детето по примена вакцина треба 20 дена да седи дома, Младеновска рече дека од нивна страна таква мерка не е издадена, ниту пак од министерот за здравство или од Комисијата за заразни болести.
„Апсолутно е неточно дека после вакцина треба 20 дена детето да седи дома“,
одговори таа.
За ситуации кога вакцинацијата е закажана за некој нареден месец и дали мерката ќе важи и за овие деца, Младеновска рече дека ДСЗИ постапува исклучиво по донесената препорака на Комисијата за зарзни болести, односно по одлуката на министерот и тоа значи дека нема да прават исклучок бидејќи, како што рече, тие се само извршители во ова ситуација.
„Доколку Комисијата донесе друга препорака, а министерот нас ни наложи да постапуваме поинаку од ова сега, тогаш ќе нема проблем. Се до тој момент ќе постапуваме како и досега“,
рече директорката на ДСЗИ.
Доколку се примаат невакцинирани деца, ДСЗИ има можност, како што рече Младеновска, да постапи по непочитување на решение односно да изрече глоба и за правното лице и за одговорното лице во правното лице.
Во однос на контролите во приватните градинки, Младеновска рече дека уште во текот на вчерашниот ден им биле доставени решенијата и оти и тие се контролираат исто како државните градинки.
Засилените инспекциски контроли во градинките почнаа вчера откако минатата недела од Комисијата за заразни болести даде ваква препорака, како и да се овозможи тестирање на територијата на цела држава за пертусис, но и водење задолжителна дигитална евиденција за вакцинација.
Од Министерството за здравство, ден подоцна, информираа дека министерот ги прифаќа препораките и донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори.