Барем до 17 часот денеска од ТАВ „Македонија“ не очекуваат нарушувања на распоредот во авиосообраќајот
Од синоќа од 20 часот до денеска до 9 часот, поради густата магла во скопската котлина на Меѓународниот аеродром Скопје откажани се девет лета, а четири биле пренасочени, информираат од ТАВ „Македонија“.
По 9 часот утрово, велат оттаму, авиосообраќајот се одвива по регуларниот распоред и до 17 часот денеска не очекуваат нови нарушувања.
„Согласно правилата на авиопревозниците за вакви ситуации, тие им организираа превоз и хотелско сместување на патниците од овие летови. За сите натамошни информации во врска со откажаните летови, ги упатуваме патниците да се обратат кај својата авиокомпанија“,
велат од ТАВ „Македонија“.
Оттаму ги упатуваат патниците да ја следат состојбата официјалната веб-страница (skp.airports.com.mk) во делот „Летоци“ (Заминувања/Пристигнувања) каде ќе се појават евентуални промени во распоредот на летови.
„Доколку им се потребни дополнителни информации, патниците можат да се јават на шалтерот за информации, кој работи 24/7, на телефонскиот број +389 2 3148 333“,
додаваат од ТАВ „Македонија“.