Највисоко ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, како што може да се види на платформата „Ај-кју ер“, е регистрирано во Центар, Лисиче, Ректорат, Гази Баба и Кисела Вода
Главниот град на земјава, Скопје, и утрово е во првите десет најзагадени градови во светот. Според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, Скопје e петти најзагаден град во светот со индекс 171.

Во моментов, според платформата која ја нотира загаденоста во реално време, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 84,4 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 152,2 микрограми на кубен метар.
Според податоците, концентрацијата на ПМ 2,5 утрово е 16,9 пати поголема од годишната вредност на ПМ 2,5 на Светската здравствена организација (СЗО).
Највисоко ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, како што може да се види на платформата, е регистрирано во Центар, Лисиче, Ректорат, Гази Баба и Кисела Вода.
Инаку, пред Скопје на непопуларната листа се градот Калкута во Индија, кој е на првото место, а по него следуваат Лахор во Пакистан, Дака во Бангладеш и Делхи во Индија.
Скопје е единствениот град во Европа кој се наоѓа во првите десет најзагадени градови во светот.
Изминатиот период главниот град на земјава речиси секој ден е во првата десетка на најзагадени градови во светот.
Поради високата загаденост во Скопје, на 10 декември во организација на Иницијативата „Зелен хуман град“ во главниот град се одржа протестен марш против аерозагадувањето.
Од Иницијативата бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.
На ова тема вчера говореше и премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март е да се смени системот на затоплување на домовите.
„Ние работиме за да се изградат гасни централи. Еден од петнаесетте инвеститори е таков, заинтересиран да изгради такви гасни централи. Но, за тоа ќе треба време, најмалку две до три години за сето тоа да профункционира. За да се изградат топловоди можеби повеќе, можеби пет и шест години“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за тоа која мерка може да ја преземе Владата за намалување на загадувањето на воздухот.
На конференцијата во Скопје за квалитетот на воздухот, што во декември, лани се одржа во Скопје, директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, кажа дека загадениот воздух годишно убива околу 2 800 граѓани на земјава, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во земјите од Западна Европа.