Група истражувачи од Северна Македонија, Албанија и Србија го анализираа законодавството во трите држави и дојдоа до заклучок дека рамката гарантира независност на судската власт. Па сепак, нема перцепција во ниту една од земјите дека судството ја искористила понудената моќ во свои раце
Недостаток на судска култура е „дијагнозата“ за состојбата која експертите предлагаат дека треба да се подобри преку серија мерки кои треба да се спроведат и во трите држави но и со помош на Брисел
Белград, Тирана, Скопје – три престолнини на три држави одамна тргнати на патот кон Брисел. Иако и должината и тежината на патот за сите е различна, најмалку една работа им е заедничка.

Трите држави, во различни временски периоди, мораа да направат уставни и законски измени, со кои судството, на хартија, доби независност од законодавната и извршната власт.
„Ние имавме еден голем пакет на уставни амандмани уште од 2005 година кои произлегоа од тој процес на евроинтеграции“,
вели Денис Прешова, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Скопје.
Перцепцијата дека новите уставни и законски норми во трите земји не го дадоа посакуваниот резултат – независно судство, бил повод за Денис Прешова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, да влезе во заеднички проект со колеги од Албанија и од Србија.

„Основниот проблем го лоцираме во тоа дека немаме вкоренета култура на независност како дел од судската култура, како основен столб на судската култура. Таа судска култура се карактеризираа со еден страв, една недоверба, како Судскиот совет се перципира повеќе како заштитник на интересите на одредени структури, политички и бизнис елити итн, дури и на некакви судски елити“,
вели Прешова.
Токму на темата судска култура минатата недела во Тирана разговараа експерти од трите земји и судии од Албанија. Слични дебати имало и ќе има и во Скопје и во Белград, а поддршката и поттикот за процесот и во овој случај доаѓа од членка на Унијата.

„Шест години по нејзиното одобрување, судската реформа во Албанија помина долг пат. Повеќето правосудни институции се воспоставени и се функционални. За Холандија, реформата на правосудството е многу важна – за албанските граѓани кои бараат правда, но и за Албанија, на нејзиниот пат кон ЕУ“,
изјави Рохер Нувен, заменик-амбасадор на Кралството Холандија во Албанија.
Дека напредокот се гледа различно од надвор и од внатре, покажаа оценките на дел од учесниците. Зоран Нечев од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, организација што го води регионалниот проект, имаше попесимистички поглед.
„Независно каде овие три земји се во евроинтеграцискиот процес, тоа што го видовме во истражувањата е дека проблемите се слични. Или, да речеме, исти. Независно што Србија преговара веќе 8 години, прогресот кој е направен е незначителен“,
изјави Зоран Нечев, постар истражувач од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.
Главниот истражувач во проектот од Албанија е универзитетската професорка Фјоралба Цака. Зад себе има искуство на заменик-министер за правда, позиција од која била одговорна за борбата против корупција и реформите во правосудството.
Албанија, иако подоцна од Северна Македонија, исто така направи уставни измени, па и длабоко прочистување на судството, т.н ветинг. Но, што покажало нејзиното истражување – дали судиите сега се навистина независни?

„Независноста не е само нормативна. Само онаа која ви ја дава законот. Таа е исто професионална независност, лична и внатрешна независност. Кога зборувам за професионалната независност ја поврзувам со сите законски измени, буџетски можности за управување со судовите, условите за работа на судиите. Во оваа смисла, повторно велам, има многу подобрувања во законската рамка. Но, помалку внимание се обраќа на внатрешната независност на судиите или на индивидуалната независност на судиите“,
изјави Фјоралба Цака за 360 степени.
А индивидуалната независност, според Цака, не се решава со закон или реформа. Туку со работа на вкоренетите традиции и личните вредности.
„Мислам дека сега е добро време да се изгради локален профил на судијата – каков треба да биде судијата, која е неговата улога во општеството. И треба да провериме подобро, како судиите се гледаат себеси. Дали судиите ја препознаваат моќта што им е дадена? Дали судиите, во реалноста, ја користат таа моќ или се уште се уплашени, бидејќи постоеле и постојат закани во системот, пишани или не, бидејќи има влијанија што, можеби, доаѓаат од политичари или од бизнисот или дури и од членови на семејството?“,
вели Цака.
Србија има најдолга историја на обиди за судска независност. Но, дури неодамна ги направи најголемите резови во судството кои ги бара Брисел. Дали се доволни законите скроени по европски терк, ако штофот на судиите не е таков?

„Знаете како, таа дилема – дали ни треба владеење на правото или владеење на луѓето, постои уште од времето на Платон. Меѓутоа, таа во суштина е лажна, бидејќи може да ги имате најдобрите закони, но ако немате соодветни луѓе кои тие закони можат да ги применат, ако немате компетентни, кога се во прашање судиите, компетентни судии и судии кои се навистина посветени на својата функција и нејзиното извршување на непристрасен начин, тогаш тие закони нема да бидат доволни за една земја да има независно судство и стручно судство и се она што оди со тоа“,
изјави Танасије Маринковиќ, Правен факултет при Белградскиот универзитет.
Танасије Маринковиќ, кој е професор на Правниот факултет во Белград, во истражувањето дошол до заклучок дека и Србија сега има многу добри закони во областа на судството, но и дека нема баш независно судство. Излез гледа, пред се во подобро образование, и на сегашните и на идните судии.
„Така, мора да се работи на унапредување на културата, тоа се прави пред се низ социјализација, сите облици на социјализација, од развивање на односите во едно семејство и најмногу со образование. Но, потоа и низ медиумите и известување во општеството околу проблемите и влијание, кога е тоа легитимно, во облици кои се легитимни, влијание на работата на судиите преку медиумско известување“,
вели Маринковиќ.
Во Северна Македонија, со години судиите ги избира и разрешува Судски совет каде мнозинството членови се судии кои на непосредни избори ги бираат самите судии.
Во истражувањето за судската култура во земјава на Денис Прешова, има цитати од анонимни интервјуа со судии. Еден судија опишува како изгледаат изборите?

„Изборот оди вака: Претседателот на судот те кани во неговата/нејзината канцеларија за да ти каже за кого да гласаш. Ова ми се има случено лично, кога еден претседател на суд ми кажа дека ако види глас за кандидат за кој се знае дека ми е пријател, тогаш ќе биде јасно кој гласал за него“,
се вели во еден од цитатите објавени во истражувањето на Денис Прешова.

„Ако погледнете во последниот период и ако можеби некој сака да се пофали и се гордее со бројките на разрешени судии, за еден кратко период многу голема бројка, особено во споредба со она што претставува европски просек, тоа всушност ги праќа сигналите дека судиите треба да внимаваат како постапуваат и на тој начин се создава еден менталитет во кој е побитно да го решите случајот отколку да вистински правораздавање. Нормата и квантитетот се побитни од квалитетот и тоа го гледаме на повеќе нивоа дека се манифестира“
вели Прешова.
Начин за подобрување на судската култура и Прешова гледа во образованието. Не само на судиите што допрва ќе доаѓаат, туку и на оние што веќе ја извршуваат функцијата.
Заклучоците од истражувањата од трите земји нема да останат само зборови за тесна публика. И тие ќе патуваат во Брисел, за да и обрнат внимание на Унијата дека има суштински проблеми кои не се лесно мерливи и не се решаваат со измени на закони.
На крај, како што кажа и холандскиот заменик-амбасадор, целта на реформите не е само да се остварат задачите на патот кон Брисел. Туку да гарантираат дека секој граѓанин треба да очекува и да добие независна и неселективна правда.

Проектот „Премостување на јазовите помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан.“ е поддржан од Кралството Холандија. Мислењата и ставовите произнесени во овој текст не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на донаторот.