Според платформата, во моментов воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“
Големата загаденост на воздухот вчера вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека е од затоплувањето на домовите, но и од урбаниот транспорт
Скопје денот го почна со индекс на загадување 168 што на платформата Ај-кју-ер го стави на четврто место на листата на најзагадени градови во светот.
Според платформата, во моментов, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав“.
Главен загадувач што е наведен се ПМ 2,5 честичките чија концентрација е 79,5 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 83,9 микрограми на кубен метар.
Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 15,9 пати поголема од годишната вредност.
Највисока загаденост утринава е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа се во Кисела Вода и во Карпош 2.
Најзагаден град во светот во моментов е Сараево во Босна и Херцеговина каде индексот на загадување е 228. По него се Делхи (Индија) и Лахор (Пакистан).
Големата загаденост на воздухот вчера вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити рече дека е од затоплувањето на домовите, но и од урбаниот транспорт.
Според Меџити, проблемот со аерозагадувањето не е од денеска, но за решавање вели дека треба да се насочат кон причините, а не кон последиците.
„Прво, природата направи овие денови Скопје и другите градови да бидат на врвот по загадувањето. Второ, ова не е од денеска, значи е подолго. Добро е што периодот кога имаме загаден воздух се стеснува. Трето, јас сум повеќе да се занимаваме со причините, отколку со последиците“,
изјави Меџити.
Освен урбаниот транспорт, Меџити како главна причина за аерозагадувањето го посочи греењето на домовите.
Тој вели дека главен фактор за загадување кое доаѓа од индивидуалните и колективните домувања е што се греат на сè и сешто. Но, тоа според Меџити, не е по нивна вина.
„Мислиме во овој дел да го вратиме проектот за гасификација и да го тераме до крај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето, второ да се субвенционира и луѓето да се враќаат на централно греење, бидејќи тоа е уште почисто од гасификација“,
додаде Меџити.
Меџити, исто така, најави и промоција на уште еден проект за споделување возила, кој функционира во европските градови. Меџити вели дека едно такво возило, според проценките, заменува до 10 приватни автомобили.
МЖСПП, нагласи Меџити, работи и презема мерки согласно одлука и акционен план од Владата.
На прашањето кога ќе почнат да се спроведуваат тие мерки, меѓу кои е и таа за владините институции да користат по 50 отсто помалку возила, Меџити рече дека се преземаат мерки, но најави нова прес-конференција на која ќе даде детални информации.