Кај „Рекорд“ ќе може да се движат само автобусите на БРТ-системот. Во дисперзирање на автомобилите од центарот на градот и нивно полесно движење ќе помогнат и два кружни тека планирани по надвозникот кај Црниче и Кисела Вода, како и трет кај поранешната зградата „Нова Македонија“
Скопје ја добива најголемата пешачка зона во Европа со затворањето на строгиот центар на градот (Мал ринг) за сообраќај, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој е и кандидат на СДСМ и коалицијата за нов мандат.
Како што тој презентираше денеска, ќе се затвори улицата „11 Октомври“ односно „Димитрија Чуповски“ – од Собранието до „Палома Бјанка“ и со тоа ќе се добијат 71 хектар (730 000 квадратни метри) зона во која нема да има движење на автомобили.
„На овој потег од улицата ќе биде овозможено движење исклучиво за автобусите на БРТ-системот. Со тоа се овозможува непречено движење на пешаците од Стара железничка сè до крајот на Бит-пазар и од Собранието до крстосницата кај ‘Палома Бјанка’“,
изјави Шилегов.
Тој вели дека тоа ќе биде најголемата пешачка зона во Европа ако се земе предвид дека во моментов најголемите ги има во Гент (Белгија) и Портеведра (Шпанија) кои зафаќаат површина од околу 50 хектари.
Од штабот на Шилегов нагласуваат дека автомобилите ќе се дисперзираат од Скопје и со кружни текови.
„Град Скопје го ослободува овој простор од автомобили по примерот на европските метрополи. Со воведување на ефикасен јавен транспорт каков што е БРТ-системот граѓаните добиваат алтернатива за транспорт на граѓаните, а особено оние кои сакаат да стигнат до овој дел од градот. Двете линии на БРТ се преклопуваат непосредно пред пешачката зона. Дополнително олеснување на движењето се добива и со кружните текови кои се предвидува да се изградат во непосредна близина на зоната, со цел движењето на автомобилите полесно се дисперзира од центарот на градот. Два кружни тека се планирани пред и по надвозникот кај Црниче и Кисела Вода и третиот кај зградата на поранешна ’Нова Македонија‘“,
велат од штабот на Шилегов.