Највисока загаденост утринава е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа е кај Ректорат и во Карпош
Главниот град на земјава, Скопје, утрово е најзагаден град во Европа, покажуваат податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздух „Ај-кју ер“.
Скопје утрово е на 9. место на листата со индекс на загаденост од 156.
Според платформата, во моментов, воздухот во главниот град е означен во категоријата „нездрав за чувствителни групи граѓани“.
Главен загадувач што е наведен се ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е 52,9 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 78,3 микрограми на кубен метар.
Според упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација (СЗО), концентрацијата на ПМ 2,5 во главниот град во моментов е 10,6 пати поголема од годишната вредност.
Највисока загаденост утринава е регистрирана на мерното место во Лисиче, а потоа е кај Ректорат и во Карпош.
Прв на листата на најзагадени градови во светот е Делхи во Индија, а по него се Акра во Гана, Каиро во Египет, Лахор во Пакистан, Ханои во Виетнам, Техеран во Иран, Багдат во Ирак, Карачи во Пакистан, а на деветто место е Скопје.
Во регионот, според „Ај-кју ер“, Софија е на 36. место, Сараево на 47. место, Белград на 65. место, а Приштина на 70. место.
Поради високата загаденост во Скопје, на 10 декември во организација на Иницијативата „Зелен хуман град“ во главниот град се одржа протестен марш против аерозагадувањето.
Од Иницијативата бараат итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.
Организаторите на маршот соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3 828 до 5 000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички ПM 2,5. Ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност во државата.
Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.