Според неа, анализите се јавни и покажуваат дека 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но секако и од јавни институции кои не користат еколошки системи за затоплување
Скопје, Битола, Куманово, Тетово се четирите најзагадени градови во Македонија, според анализите на Министерството за животна средина, а на денешната прес-конференција го изјави министерката Каја Шукова.
Според неа, најголемото загадување на воздухот доаѓа од домаќинствата.
Не знаеше која општина какви мерки спроведува, оти не била известена, но посочи дека како Mинистерство трошат пари на еколошки системи, замена на системи за затоплување, нови зелени површини.
„Ги охрабруваме општините да спроведуваат проекти во рамките на финансиските можности. Знам дека голем дел од општините помагаат на домаќинствата со набавка на инвертери и замена на системи. Овој процес е почнат повеќе од четири години и правиме замена на системите и ќе продолжиме,
изјави министерката.
Според неа, анализите се јавни и покажуваат дека 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата, но секако и од јавни институции кои не користат еколошки системи за затоплување.
„Секој граѓанин треба да придонесе во намалување на загадувањето на воздухот. Јас знам дека дрвата се користеле, се користат и ќе се користат, но да се користат на вистинскиот начин. Да се користат сува дрва за греење, да не се користат влажни. Да не се додаваат паркети, пластика, гума за да имате повеќе затоплување, а повеќе го загадуваме воздухот“,
кажа Шукова.
Веќе една година се прави мапирање и се добиваат, добри информации од сите општини.
Во изминатите три години им било помогнато со катастари во кои се идентификуваат нивните загадувачи, а финансиски им помогнале и со подготовка на планови за воздух.
„Во 70 институции во следниот период ќе ги замениме системите за затоплување. Но, тоа не оди така лесно. Тоа е процес, кој треба во континуитет да се прави“,
додаде таа.
Според Шукова, УСЈЕ и Макстил се покажале како одговорни компании зашто ја почитувале препораката до поголемите индустриски капацитети со А-интегрирана дозвола да го намалат своето производство во текот на зимските месеци кога има поголемо загадување.
„УСЈЕ на 1 јануари ја исклучи едната печка, работи само со безмалку половина производство. Истото го направи и Макстил. Ремонтите на печките сега ги прават во зимскиот период. Обично ги правеа во летниот период, најверојатно е поекономично и полесно, но за да бидат општествено одговорни и да помогнат во намалување на загадувањето за овие две компании имам информација дека работат со помал капацитет. Ги поттикнуваме и сите останати колку што можат да го намалат производството, особено кога имаме денови со вакви пикови“,
рече министерката за животна средина.
На новинарско прашање како таа дошла на работа, со оглед на препораките поради загадениот воздух, министерката рече дека денеска на работното место дошла со автомоби.
„Не смеев да ви задоцнам на прес-конференцијата“,
рече Шукова.