Триесет и осумгодишната Л.С. од Скопје во два наврати патувала за Сирија каде земала учество во активностите на терористичката организација „Исламска држава“ позната и како ИСИС.
До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Л.С. од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал.
Кривичната пријава е поднесена поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“, а во врска со кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Како што информира МВР, пријавената, во два наврата ја напуштила територијата на Република Северна Македонија и со умисла заминала за Сирија, каде земала учество во активностите на терористичката организација „Исламска држава“ (ИСИС).
На 10.03.2020 на Меѓународен аеродром Скопје пријавената е депортирана со лет од Истанбул во Скопје.