Со тоа, на граѓаните ќе им се надоместат трошоците за набавка на уредот во износ од 20 000 денари по домаќинство
Скопјани после две години повторно ќе добиваат субвенции за инвертер-клими, соопшти скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил посочувајќи дека доцна вечерва ги потпишал решенијата за нивна исплата, согласно јавниот повик на кој се пријавија граѓаните.

Со тоа, на граѓаните ќе им се надоместат трошоците за набавка на уредот во износ од 20 000 денари по домаќинство.
Со оваа мерка, како што вели Ѓорѓиевски, ги поддржуваат домаќинствата што инвестирале во набавка на високоефикасни инвертер-клима уреди оваа година, кои ќе носат пониски трошоци, повисока енергетска ефикасност и подобри услови за живеење.
„Со инвестирање во клима-уреди правиме чекор напред кон почиста и поздрава животна средина. Со намалена потрошувачка енергија и пониско ниво на емисии, тие директно придонесуваат кон заштита на воздухот, а со тоа и поеколошко и одржливо Скопје“,
вели скопскиот градоначалник.
Според него, Градот Скопје ќе им ги надомести трошоците за набавка на уредот во износ од 20 000 денари по домаќинство и ќе го покрие данокот на личен доход.
Најави дека во следниот период Градот ќе продолжи да објавува нови јавни повици за субвенции, со цел да им се олесни секојдневието на жителите.
И Министерството за економија минатата година соопшти дека ќе доделува ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер-клима уреди, како и за поттикнување енергетска ефикасност во домаќинствата.
