Осомничениот е претходно осудуван, а за него се водат и други постапки за кривични дела
Поведена е постапка против 44-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека украл околу 10 илјади евра од менувачница на улицата „Архиепископ Ангелариј“, велат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и посочуваат дека сторителот се товари за сторено кривично дело – кражба од член 235 став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот на 20 март го искористил моментот кога вработениот во менувачницата поради зафатеност со работни обврски кратко излегол надвор, па осомничениот влегол во менувачницата и од благајната ги одзел парите и веднаш го напуштил местото. Набрзо е пронајден и уапсен“,
пишува во соопштението од ОЈО Скопје.
Оттаму велат дека осомничениот е претходно осудуван, а за него се водат и други постапки за кривични дела.
Имајќи предвид опасноста да се даде во бегство за да го избегне прогон, јавен обвинител до Кривичниот суд Скопје синоќа достави предлог за определување мерка притвор.