На 25 ноември со своето возило дошол во близина на зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора во Општина Аеродром и маскиран со „фантомка“ со секирата ја скршил влезната врата. Потоа на скалите ги наредил коцките керозин, врз нив ставил повеќе плински боци и ги запалил
Четириесет и едногодишен скопјанец е осомничен за намерно предизвикување на пожарот минатиот понеделник во зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора, во кој е предизвикана значителна материјална штета, соопшти републичкото Јавно обвинителство.

Тој, како што информираат оттаму, во моментов е во бегство и по него ќе биде распишана потерница.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка и бара на осомничениот да му биде одредена мерка притвор, кој ќе започне да се применува по неговото пронаоѓање и апсење.
Според Обвинителството, скопјанецот се гони за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
„На 25 ноември осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на улицата ‘Методија Шаторов Шарло’, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што информираат оттаму, скопјанецот за пирот се подготвил една недела претходно, кога набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин.
На 25 ноември со своето возило дошол во близина на зградата каде што се сместени просториите на Адвокатската комора во Општина Аеродром и маскиран со „фантомка“ со секирата ја скршил влезната врата. Потоа на скалите ги наредил коцките керозин, врз нив ставил повеќе плински боци и ги запалил.
„Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда. Причинетата штета се проценува на околу 9 255 000 денари (околу 150 000 евра)“,
велат од Обвинителството.
По ова осомничениот не губел време и, според истрагата, само триесетина минути по настанот со возилото ја напуштил државата, преку граничниот премин „Блаце“.
„Фактот што тој се крие и е недостапен за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците се основи поради кои јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница“,
информираат од Обвинителството.
На 25 ноември од Министерството за внатрешни работи информираа дека пожарот бил пријавен утрото во 3:16 часот и дека во него нема повредени лица.
„Денеска во 3:16 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул. ‘Методија Шаторов Шарло’ на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил опожарен стан – деловен простор на Адвокатската комора на РСМ. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема“,
соопштија тогаш од СВР Скопје.

Од Адвокатската комора го осудија опожарувањето на објектот и ги повикаа институциите да дејствуваат брзо и ефективно во пронаоѓањето на сторителите.
„Овој акт на насилство не само што претставува сериозна закана за безбедноста на вработените во институцијата, туку и на граѓаните кои живеат во непосредната близина на деловниот простор на Комората. Нападот врз Адвокатската комора не е само напад врз еден правен субјект, туку е напад врз целокупната адвокатура и правниот систем во Република Северна Македонија, соопштија од Адвокатската Комора на РС Македонија“,
реагираа минатиот понеделник од Комората.