Од обвинителството велат дека до нив пристигнале поголем број поднесоци и пријави во врска со изборите и гласањето. По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи
Јавното обвинителство соопшти дека до 19 часот пристигнале уште неколку пријави за евентуално сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето. Меѓу покарактеристичните случаи кои ги посочуваат од обвинителството се:
- Основното јавно обвинителство Струга е известено дека на избирачко место едно лице го искинало гласачкото ливче и го напуштило гласачкото место. По дадени насоки од јавен обвинител, полицијата постапува за негово пронаоѓање и приведување;
- Во гостиварското обвинителство пристигната е информација за лице кое го сликало гласачкото ливче. Полицијата постапува во насока на расчистување на настанот;
- Во Основното јавно обвинитeлство Кочани примено е едно известување и две кривични пријави. Поднесено е известување од политичка партија, во врска со лице кое вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место;
- По поднесена пријава за лице кое вршело агитирање на избирачко место во с.Теранци, оформен е предмет и дадени се насоки за натамошно постапување;
- Пријавено е и лице кое со возило вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место и вршело влијание врз гласачи за тоа како да го вршат нивното гласачко право. По пристигнување на кривичната пријава, во Основното јавно обвинителство Кочани оформен е предмет за сторено кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите“;
- Основното јавно обвинителство Кавадарци постапува за настан од избирачко место во Демир Капија. Пријавено е дека лице искинало гласачко ливче, поради што оформен е предмет за сторено кривично дело „Уништување на изборен материјал“ . Обвинителството издаде насоки за прибирање докази и комплетирање на документацијата.
Претходното соопштение, обвинителството го објави околу 16 часот. И во него имаше повеќе карактеристични случаи на кои работат надлежните. Можеби најсериозна беше пријавата од американската амбасада во Скопје, дека едно лице од политичка партија вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица, поранешни осуденици, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес. Oд обвинителството информираа дека дале насоки за понатамошно постапување и во моментов скопската полиција врши оперативни проверки.
Од обвинителството додадаваат и дека во текот на организирањето и спроведувањето на локалните избори, во Комисијата, во основните јавни обвинителства и на објавената електронска адреса за пријавување сомненија за изборни нерегуларности, пристигнаа поголем број поднесоци и пријави. По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки.
Листа на карактеристични настани поврзани со изборите пред малку објави и МВР.