Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ предмалку почна да слави пред партиското седиште во центарот на Скопје. На „терен“ се веќе зурлите и тапаните, а атмосферата дополнително се загрева со факли и други пиротехнички средства.
Симпатизерите на партијата скандираат: „Цело Скопје вмровски град.“
Во првиот круг, ВМРО-ДПМНЕ ги освои Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода, општини со кои претходно раководеа кадри од СДСМ. Единствените скопски општини во кои СДСМ има шанси да освои градоначалничко место се Центар, Шуто Оризари и Карпош. На ниво на Град Скопје, води независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, пред досегашниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Петре Шилегов.
Претходно, од партијата соопштија дека однеле голема победа во вториот круг од локалните избори.
Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека досега победиле во 14 општини: Битола, Брвеница, Василево, Гевгелија, Зелениково, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Радовиш, Ранковце, Ресен.
Од партијата информираат дека водат во Вевчани, Пехчево, Пробиштип, Скопје.