„Иако е небрежност, ќе бараме дополнителни законски измени за строго казнување на ваквите поведенија каде што секојдневно се загрозуваат човечки животи, предизвикуваат огромна еколошка штета, но и огромна материјална штета, како трошење на државните и локалните ресурси за справување со овие пожари“, изјави денеска директорот на ЦУК
Не стивнува состојбата со пожарите на отворено и шумските пожари кои на територијата на државата и вчера ги имало во голем број, вкупно 38, а дел од нив и понатаму се активни, информира во видеоизјава директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Според актуелниот биланс од од вкупниот број на пожари во изминатото деноноќие, 24 се целосно изгаснати, пет се ставени под контрола, а девет останале активни во текот на ноќта и денеска наутро.
Како прв што им задава предизвици на противпожарните екипи на терен, директорот на ЦУК го наведе пожарот на територијата на општина Македонски Брод, кој го сочинуваат два крака, едниот кон Јасен, а другиот кон селото Белица, а кој беснее повеќе од 20 дена.
Кракот кон Јасен, како што информира Ангелов е ставен под контрола, додека од другата страна на кракот кон Белица во гаснењето на огнената стихија, во која на некои места сè уште гори борова шума, учествуваат 20 припадници на македонската Армија, локални пожарникари и вработени во „Јасен“.
Вториот по големина пожар, според Ангелов, е оној на територијата на општина Пехчево, кој вчера бил ставен под целосна контрола и на моменти не покажувал никакви знаци на горење, денеска претпладне повторно се „разбудил“ со густ црн чад на едно место.
„На самото место дејствуваат локални пожарникари со поддршка на лица вработени во ‘Национални шуми’, но и граѓани доброволци. Пожарот е заокружен од три страни, нема начин како да избега на тие три страни, додека од една страна има река која би го спречила неговото движење. Затоа сметам дека имаме добра контрола врз овој пожар иако со ваквите шумски пожари никогаш не можеме да бидеме на чисто“,
вели директорот на ЦУК.
Со два хеликоптери, еден на Министерството за внатрешни работи (МВР) и еден словенечки, како дел од помошта на ЕУ, утрово го гаснеле пожарот на општина Кочани и Македонска Каменица во атарот на селата Пресека и Цера.
Според директорот на ЦУК, станува збор за тежок, непријатен за гаснење шумски пожар во кој гори борова шума, но и папрат кој дава дополнителна енергија за ширење на огнената стихија.
И понатаму е активен пожарот на планината Галичица, каде гори и од охридската и од преспанската страна на планината и предизвикува силна вознемиреност помеѓу граѓаните особено поради густиот црн чад, кој според Ангелов е од горењето на смреките, кои ги има во поголем број.
„Втората карактеристика на овој пожар е тоа што од охридска страна се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства остатоците од минатите војни кои се воделе во овој регион и фронтовата линија којашто минувала низ Галичица. Тоа дополнително го отежнува гаснењето на овој пожар бидејќи мораме да чекаме да се приближи до шумата каде е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас каде што има претежно трева, грмушки и друга ниска вегетација гаснењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии кои можат да убијат некого“,
вели Ангелов.
Директорот на ЦУК информира и за пожарот кај кичевското село Патеец, каде огнот вчера дојде до самите куќи од кои една беше благо зафатена од огнот, но не е оштетена благодарение на, како што вели Ангелов, пожртвуваноста на пожарникарите од Кичево кои справувајќи се стихијата се нашле во исклучително опасно и животозагрозувачка ситуација по нив.
„На овој пожар веќе почнавме со дејство со двата германски ‘ертрактори’, на земја се наоѓаат припадници на ‘Национални шуми’ како и локални пожарникари. За жал и овде на некои места гори квалитетна борова и букова шума“,
рече Ангелов.
Во врска со пожарот над селото Врбен во општина Маврово и Ростуше, Ангелов информира дека на негово барање, во текот на ноќта пристигнал булдожер на компанијата „Бехтел и Енка“ која ги гради автопатите на коридорите 8 и 10-д, со кој рано утрово бил направени противпожарен појас широк околу четири метри кој треба го спречи движењето на пожарот кон блиската шума во насока на Шар Планина.
„Во овој момент овој пожар иако во текот на ноќта беше ставен под делумна контрола повторно се разгорува на еден крак и тоа во насока на густа шума, но на лице место испративме 24 специјалци на единицата ‘Тигар’ и има над 20 вработени во Националниот парк „Маврово“ кои со поддршка на локални пожарникари од Гостивар се обидуваат да го спречат ширењето на огнот“,
рече Ангелов.
Информирајќи за изгаснатите 24 пожари, во кои горела сува треба, депонии или диви ѓубришта, Ангелов рече дека иако навидум изгледаат безначајни за миг можат да се претворат во големи и страшни шумски пожари.
Тој повторно упати апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни во своите постапки за да не предизвикаат пожар на отворено или шумски пожар. Во таа насока, тој ги повика сите граѓани доколку забележат сомнително лице кое подметнува пожар веднаш да пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112 или во најблиската полициска станица.
„Доколку им е непријатно или се плашат, да пријавата на овој број нека се јават на некој пријател полицаец, на пријател шумар на некој вработен во ЦУК во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во ‘Национални шуми’, нека се јават на било кој што ќе ја пренесе оваа информација понатаму“,
вели Ангелов.
Дополнително, директорот на ЦУК порача дека борбата против оние што ги палат овие голем број шумски пожари мора да биде жестока. Тој рече дека ќе бараат законски измени за строго казнување на оние што предизвикуваат пожари од небрежност.
„Тогаш кога ќе бидат казнети, тогаш ќе бидат повнимателни, затоа што нема никакво оправдување за ваквото несериозно, невнимателно однесување, каде што некои луѓе наивно сметаат дека нема да предизвикаат пожар, дека само малку ќе запалат едно стрниште, а тоа што можеби неколку километри понатаму некој ќе умре тоа е ирелевантно, тие очекуваат дека тоа нема да се случи. Иако е небрежност ќе бараме дополнителни законски измени за строго казнување на ваквите поведенија каде што секојдневно се загрозуваат човечки животи, предизвикуваат огромна еколошка штета, но и огромна материјална штета, како трошење на државните и локалните ресурси за справување со овие пожари“,
порача директорот на ЦУК.