По јуни 2019, па октомври, сега март 2020 е новиот таргет што се спомнува, за земјава, по 11 година од првата позитивна препорака на Европската комисија, да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Ако земјите членки кажат „да“ за старт на процесот, неколку прашања сами по себе лигично се наметнуваат – подготвена ли е Северна Македонија за водење на преговорите, колку би траеле тие, во кои области ќе се „бијат“ најтешките преговарачки битки?

Според главниот технички преговарач, Бојан Маричиќ, реално е да се резервира една декада за заокружување на процесот на преговори. Екс-министерот за надворешни работи смета дека е пореалиситично да се планираат меѓу 10 и 15 години, додека и Малинка Ристевска Јорданова не очекува помалку од 15 години за затворање на преговорите.
Ако дојде „зеленото светло“, куќата лоцирана до владината зграда која датира од 1900-тите треба во 2020-тата да стане своевиден штаб за водење на преговорите. Планот е во неа да се всели главниот технички преговарач и неговите први соработници – тим од 20-тина луѓе, кои во наредните години ќе го водат и координираат пристапувањето во Европската Унија.

Станува збор за сложен процес кој, поедноставено, значи прифаќање на стандардите на Европската Унија во секој општествен сегмент и што е уште поважно – нивно спроведување на дело. За тоа да се случи потребни се експерти, се проценува од 500 до 1000, поделени во тимови до 20 луѓе, кои би ги покриле сите 35 преговарачки поглавја, со новата методологија можеби групирани во кластери. Спремна ли е Северна Македонија за ваков потфат?
„Не реков дека сме подготвени да ги завршиме преговорите, туку дека сме подготвени да ги започнеме, тоа е сигурно. Подготовките ги почнавме уште во летото 2018 година кога имаше прва најава дека е можно да го добиеме датумот за почеток на преговорите и од тогаш до денес имаме направено законска рамка за таа цела структура и имаме започнато со креирање на работните групи, на дел од структурата за преговори. Немаме илузии дека ги имаме сите капацитети во администрацијата, но и не би сакале да ги потцениме оние што ги имаме зашто дел од нив во изминатите години заминаа и денес работат како експерти на високоплатени проекти во регионот и мислам дека треба се да направиме за да ги вратиме во системот и да ги имаме најдобрите луѓе во моментот кога ќе почнеме да преговараме“,
вели главниот технички преговарач, Бојан Маричиќ.

Меѓу оние за кои техничкиот преговарач Маричиќ вели дека си заминале од државната служба, а се стручни во евроинтеграциите, е и Малинка Ристевска Јорданова, која беше дел од Секретаријатот за европски прашања во клучниот период на изработка на прашалникот по што дојде и кандидатскиот статус. Нејзината проценка за кадровскиот потенцијал е покритична од онаа на техничкиот преговарач.

„Ако зборуваме за самиот капацитет процедурално да течат преговорите, без разлика дали со стара или со некоја нова методологија, таков ќе го има и таков го имала практично секоја држава која влегувала во преговори. Прашањето е колку сте суштински спремни за преговори, колку сте подготвени и колку знаете колку треба да прифатите, како и на кој начин бидејќи преговорите се осознавање на нормите на ЕУ, состојбите во кои сме и што треба да се направи за да се променат тие состојби. Она што не го гледам е оваа визија што треба да направиме за прифаќање на нормите на ЕУ“,
е оценката на Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европскa политикa.
Слично анализира и опозицискиот пратеник и екс шеф на дипломатијата, Никола Попоски, кој има искуство и на службеник на Европската комисија од периодот кога Хрватска преговараше за зачленување во ЕУ.
„Особено со промените што ќе дојдат со новата методологија веќе многу помалку внимание ќе се посвети на административниот дел, а многу повеќе на резултатите. Тоа значи дека никој нема да мери колку директиви и регулативи сте преточиле во ваши текстови. Перцепцијата на политичко ниво меѓу земјите-членки ќе се гради, да земеме два примера, во делот на правосудство – дали не само ние имамае доберба во судството, туку дали и тие имаат доверба. Како друг пример земете ја животната средина, кое ќе биде многу чувствително, во кое нема да биде важно дали нашата регулатива е компатибилна со германската, туку ќе биде битно кои се ефектите и дали станува збор за системско решение на проблемите или само за печатење на текстови во Собранието или во надлежните министерства“,
вели поранешниот министер.

Дека има кадровско раздвижување во очекување на почетокот на преговори зборува и фактот дека во моментот македонската мисија во ЕУ е најекипирана од сите ДКП-а. Станува збор за 6 дипломати од МНР, двајца експерти од СЕП, административец од МНР, а во фаза на испраќање се уште тројца дипломати. Овој тим во Брисел, кој дополнително ќе се зголемува откако ќе почнат преговорите, ќе биде во секојдневна комуникација со технократите од Европската комисија во процесот кој ќе трае со години. Доаѓаме до второто прашање – колку години?
Секоја следна нова членка на ЕУ се соочува со феноменот на се подолги преговори пред влезот во Унијата. На пример, на Бугарија – претпоследната членка, и требаа малку повеќе од 4 години, а на Хрватска, последната членка на ЕУ, речиси 6 години само за преговарачкиот процес, без времето неопходно за ратификација на договорот за пристапување. Црна Гора и Србија веќе преговараат подолго отколку Хрватска, а преговорите не се ни блиску до затворање.За Македонија, проценките се движат од оптимистички 7 до 8, до песимистички 15 години, па и повеќе.

„Ќе треба да ја почекаме новата методологија што ќе ја предложи еврокоемсарот Вархеји. Нашите информации говорат дека во неа ќе има обиди да има определени временски рокови кои нема да бидат строги, но на некој начин ќе бидат индикативни за колку време треба да се завршат преговорите. Таа временска рамка одговара на овој просек од 7-8 години и мислам дека тоа е реално. Реално е отприлика да се резервира една декада за заокружување на тој цел процес. Тоа секако ќе зависи и од расположението во ЕУ“,
проценува Маричиќ.
Според Попоски, она што Македонија ќе го има за преговарање ќе биде неспоредливо со кои било претходни преговори. „Веројатно ќе биде многу потежок и покомплексен. Се што е меѓу 10 и 15 години е многу пореалистично“, вели Попоски.
„Имајќи предвид дека ЕУ посебно не не стимулира со динамиката, помалку од 15 години не предвидувам, дури можеби и повеќе. Клучна разлика би можела да се направи доколку ЕУ го смени пристапот што сега не е извесно, би можело да биде извесно за 4-5 години, но би можела и друга опција да биде и втората клучна разлика што би можела да се направи е колку ние битно го смениме политичкиот пристап и пристапот кон градење капацитети. Значи, основно на што инсистираме е стратегија за европска интеграција и не туку-така прифаќање на сугестии или препораки за ова, она… Ние мора да имаме своја визија“,
анализира Ристевска- Јорданова.
Еден од ретките сегменти за кои и Маричиќ и Ристeвска Јорданова и Попоски се согласуваат се областите што ќе бидат најтешки за преговарање. За некои од нив македонската јавност е свесна, но за дел се уште не доволно сензибилизирана.
„Земјоделство, животна средина, усогласување на заедничкиот пазар – 4 слободи на заедничкиот пазар-стоки, услуги, капитал и луѓе, и ако на тоа го дадеме усогласувањето во земјоделитео, храна, ветеринарство каде е важен дел од европската политика, исто така и од животна средина, тие се областите каде ќе ни треба најмногу време и пари“,
тврди Маричиќ.
Според Ристевска-Јорданова, најтешки за преговарње ќе бидат животна средина, конкуренција, безбедност на храна е втора, земјоделство, јавните набавки кои добиваат на тежина заради поврзаноста со поглавјата 23 и 24.
„Мислам дека животната средина се повеќе добива на тежина и во глобални рамки. Може да се претпостави дека Македонија ќе се соочи со ситуација во која владеење на право и животна средина ќе бидат далеку потешки и многу долгорочни поглавја за преговарање“,
вели Никола Попоски.
Од сето кажано произлегува дека Македонија има капацитет да почне преговори, но не и да ги затвори, има експерти да преговара, но не доволно, дека Македонија ќе се мачи со прашања што сега на граѓаните им изгледаат далечни и лесни – конкуренција, земјоделство, животна средина. Ако почне преговори годинава, земјата, оптимистички, ќе ги затвори за 10 години, што би значело дека би станала членка на ЕУ до 2030-тата, што би било 25 години од кога формално аплицираше за членство во Европската унија во веќе далечната 2004.