ДУИ предлага собраниските седници да може да се одржуваат и од далечина, за да не се малтретираат пратеници што се погодени од ковид-19 да одат во Собранието само за гласање. Со нови изјави околу овие околности излегоа и Заев и Филипче, кои апелираа пратениците да бидат свесни за периодот што претстои
Демократската унија за интеграција (ДУИ) предлага седниците на Собранието да се одржуваат и онлајн, за, како што велат од партијата, да не се малтретираат пратеници што треба да бидат во изолација да доаѓаат во Собранието за да гласаат.
Од ДУИ сметаат дека Собранието треба да ја разгледа можноста за изменување и дополнување на Деловникот, во насока на прецизирање што всушност се подразбира со зборот „присуство“ на пратеници, без разлика дали е тоа физичко или онлајн.
ДУИ, се наведува во партиското соопштение, бара од опозициските партии да го разгледаат овој предлог, со цел, како што велат, да се да се заштити здравјето на пратениците и администрацијата, а истовремено да не се блокираат важните процеси за Северна Македонија.
„Во сегашната регулатива на Собранието стои реченицата ’присуство’. ДУИ сака да прецизира дека присуството на пратениците во Собранието може да биде физичко или онлајн. Не смееме да дозволиме малтретирање на пратеници кои моментално се погодени од ковид-19, да не ги тераме преку посебен третман да доаѓаат на седници и потоа да ги загрозуваат сите други. ДУИ не сака Собранието да дојде во ситуација да блокира важни процеси“,
се посочува во партиското соопштение.
Од Демократската унија за интеграција бараат опозицијата да ја земе предвид компаративната анализа на состојбата во регионот и пошироко во ваква ситуација со ковид-19 и потсетуваат дека Владата веќе почна да ги одржува своите седници преку интернет.
Со нови изјави околу функционирањето на парламентот во услови на епидемија денеска излегоа и премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Заев уште еднаш апелираше да се изнајде решение за законодавниот дом да може да работи онлајн и Собранието да не остане надвор од системот.
„Собранието е столбот на демократијата. Парламентот да биде надвор од системот ќе значи да не можат да се носат одлуките“,
рече Заев.
Министерот Филипче, пак, рече дека препораката законодавниот дом да работи онлајн не треба да се сфати како обид да се компромитира демократскиот или функционалниот капацитет на Собранието.
„Искрено, сметам и мислам дека од технички аспект тоа може да се изведе, нека утврдат службите и нека кажат и од законодавно-правен аспект дали може да се спроведе тоа. Исто така, верувам дека се сите свесни оти во периодот што доаѓа приоритет ќе биде заштита на здравјето“,
вели Филипче.
Инаку, СДСМ и ДУИ, како предводници на собраниското мнозинство, на вчерашната координација кај спикерот Талат Џафери настапиле со предлог за онлајн-учество на пленарните седници само на пратеници што се во изолација поради ковид-19.
За опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса-Алтернатива, пак, не е прифатливо да се воведат алтернативни модели за функционирање на законодавната власт во периодот на епидемија.
Поради кревкото мнозинство од 62 пратеници, со кое располагаат во Собранието, СДСМ и ДУИ предупредуваат дека може да биде доведено во прашање донесувањето на ребалансот на буџетот.